Со намалување на потрошувачката на енергија ќе се зголеми конкурентноста на компаниите

43
naslovna
Драган Блажев, директор на Проектот на УСАИД за индустриски менаџмент

УСАИД кофинансира 50% од вкупните трошоци за воведување на системи за мониторинг и управување со потрошувачка на енергија во приватни производни компании. Можеме да поддржиме вкупно 17 компании. До сега имаме склучено договори со седум компании, а во шест од нив сме скоро во завршна фаза на имплементирање на системите.

БИ: УСАИД Македонија, како дел од стратегијата на својата мисија за економски развој на Република Македонија, го реализира Проектот за индустриски менаџмент. Може ли да ни кажете нешто повеќе за овој проект?

Проектот на УСАИД за индустриски менаџмент е тригодишен проект кој започна со реализација во јануари 2013 година. Целта на проектот е да се зголеми конкурентноста на индустриските компании преку намалување на потрошувачката и трошоците за енергија како дел од вкупните производни трошоци, при што ќе дојде до намалување на емисиите на стакленички гасови на долгорочна основа. Конкретно, проектот во основа се однесува на подобрување на управувањето со потрошувачката на енергија во индустриските компании во земјава со воведување на систематски и континуиран начин на нејзина заштеда врз основа на начелата и принципите на меѓународниот стандард ISO 50001. За реализација на овој проект, УСАИД склучи договор со Тимелпроект, македонска приватна компанија како носител на проектот, што е прв ваков случај во регионот, затоа што сите директни договори на УСАИД досега се правени со невладини организации од земјите во регионот каде се спроведуваат различни проекти. Партнери во проектот се Поинт Про Консалтинг и ЦЕЕД Македонија.

БИ: Кои се фазите на реализација на проектот?

Овој проект е поделен на четири компоненти. Првата компонента е веќе завршена и се однесуваше на анализа на индустрискиот сектор. Во првите три месеци го анализиравме индустрискиот сектор во Македонија врз основа на различни фактори, карактеристики,  приоритетни сектори и потсектори, итн. Работиме со сите индустриски гранки, освен оние што се занимаваат со производство на алкохол и тутун. Ние таргетираме мали и средни претпријатија од различни индустриски гранки кои активно се занимаваат со производство.

dragan 1Втората компонента е најглавна и можеби најтешка за спроведување, а тоа е практично воведување на системи за мониторинг и управување со потрошувачка на енергија, како електрична, така и сите останати видови на енергија. Овие технички системи работат според принципите и начелата на ISO 50001, меѓународниот стандард за систем за управување со енергија, кој се воведе во 2011 година од Меѓународната организација за стандардизација и истата година е одобрен и во нашата земја. На основа на тој стандард е правен и концептот за нашиот проект. Целта и главниот фокус на проектот е да овие технички системи, кои се состојат од мерна опрема, телекомуникациска опрема, мрежни компоненти, компјутерска опрема и специјализиран софтвер со база на податоци, да се воведат како основа во индустриски компании. Системот е дизајниран да врши мониторинг и управување на потрошувачката на електрична и други видови енергија на ниво на компанија, без разлика дали се тоа еден или повеќе објекти на една или повеќе локации, со цел да ја подобри достапноста и сигурноста на податоците за потрошувачка на енергија и да дава информации врз основа на кои се овозможува подобрување на енергетската ефикасност, заштеди во потрошувачката на енергија и заштеди на трошоците за енергија. Самиот софтвер овозможува прикажување на табели и графици на мерените податоци во реално време, со можност за нивно историско прикажување со претходно зададен временски интервал. Извештаите содржат податоци и дијаграми за потрошувачката на електрична енергија и другите видови енергија, но и мониторинг на неелектрични величини како што се вода, воздух, гас, течни горива, пареа, како и трошоците за нив, емисии на загаденост, максимално оптоварување, користење на енергија во смени и друго. Искуствата во западните земји покажуваат дека со помош на вака интегриран систем во производствените погони, може да се постигнат заштеди на енергија од 10% до 15% преку интервенции од помал обем или од организациона природа. Кога зборуваме за поголема заштеди, откако ќе се утврдат места на потенцијални заштеди со помош на системот, со дополнителни инвестиии може да се постигнат заштеди и преку 40%.  Овој интегрален систем дава една добра основа да се направи увид во потрошувачката и да се оценат кои се местата каде може да се заштеди енергија. Вакви системи постојат во светот, но во индустријата во Македонија се новитет. Затоа треба прво и да ги едуцираме компаниите зошто им требаат вакви системи.

Третата компонента се обуките. Во оваа компонента ќе обучиме две домашни инженеринг компании, кои ќе можат да се оспособат за развој, инсталација и одржување на ваквите системи. За оваа цел ги избравме компаниите Филбис и Енергопроект Миго кои ќе учествуваат во проектот.  Понатаму овие комании самостојно ќе можат да ги нудат ваквите услуги.

Четвртата компонента е промоција на проектот и зголемување на свеста од потребата за подобрување на енергетската ефикасност. Во оваа компонента се сместени работилници и обуки, со цел информирање за придобивките од воведување на вакви системи во производните компании во земјава, како и обука за начелата и принципите на стандардот ISO 50001. Во овој дел организиравме обука на повеќе финансиски институции каде дискутиравме како се прават анализи за енергетска ефикасност, одредување на технички и финансиски индикатори во одредување на потенцијалот за заштеда на енергија, како и начелата и моделите на проектното финансирање. За овој тип на проекти за енергетска ефикасност потребно е да има проектно финансирање, каде самиот проект, односно заштедите од проектот се користат за враќање на главнината и каматите од кредитот, што во основа е многу различно од традиционалното хипотекарно задолжување. Овој начин на финансирање енергетски проекти е прифатен во светски рамки, затоа што ваквите проекти се капитално интензивни и бараат партнерско учество со банките за нивно реализирање.

Во рамките на четвртата компонента ќе организираме неколку тркалезни маси, на кои ќе поканиме допонителен број на компании, релевантни агенции и организации, министерства и банки со цел да информираме и да ги презентираме постигнатите резултати, како и да ја анимираме јавноста.

dr 3

БИ: Како оди финансирањето на проектот, колку компании ќе можат да добијат средства за имплементација на овие системи?

Буџетот на проектот е 1,3 милиони долари. Во однос на воведувањето на системите за мониторинг и управување со потрошувачка на енергија во приватни производни компании, УСАИД покрива 50% од вкупните трошоци, но не повеќе од 20.000 долари по компанија, што подразбира развој на системот, изработка на техничка документација, набавка и инсталирање на опрема и софтвер, обука и пуштање во работа на системот. Значи, преку нашиот проект, индустриските компании што се заинтересирани можат да добијат неповратни средства наменети за воведување на ваков систем. За возврат, УСАИД од компаниите бара соработка во смисла кога ќе се воведат системите да може да ги добива податоците од мониторингот за да имаме увид како системите придонесуваат за заштеда на енергијата и тоа да може да го презентираме на други индустриски компании. Системот се реализира и предава во трајно владеење на компанијата. Исто така, системот е надградлив, што значи дека во иднина кога ќе има желба и потреба од страна на компаниите, може да го прошират системот со нови мерни места или управување со одредени уреди.

Ние, според планот и буџетот, можеме да поддржиме вкупно 17 компании. До сега имаме склучено договори со седум компании, а во шест од нив сме скоро во завршна фаза на имплементирање на системите. Неколку компании се во крајна фаза на одлучување за воведување на системите со поддршка на УСАИД преку нашиот проект. Имаме простор да поддржиме уште 7-8 индустриски компании во текот на оваа година.

Понатаму, од овие 17 компании каде ќе се имплементираат системи за мониторинг и управување со потрошувачка на енергија, треба да избереме минимум шест компании, односно тие што ќе покажат интерес за подобрување на енергетската ефикасност и спремност да направат инвестициски зафати во своите погони, ние ќе им понудиме техничка помош. Тоа значи наша експертска помош на компаниите и учество во изработката на енергетски контроли и избор на можни мерки за подобрување на енергетската ефикасност, како и експертска помош за обезбедување на средства од финансиски институции, но во таа фаза немаме можност финансиски да ги помогнеме во самите инвестиции.

БИ: Кој се е вклучен во овој проект?

За спроведување на проектот избравме два партнери, односно реномирани производители на опрема и систем интегратори, и тоа: Шнајдер Електрик од Франција и Јаница од Германија, која во земјава е застапена преку компанијата Логинг електроникс. Во нашиот проект ги имплементираме овие системи во пилот производните компании, а ние, Тимелпроект, како носител на проектот на УСАИД, сме задолжени да ги реализираме и пуштиме во работа системите преку соработка со сите вклучени страни во процесот.

dr4

БИ: Што покажа вашата анализа од првата компонента? Каква е состојбата со потрошувачката на електрична енергија во индустријата во Македонија?

Делот што се однесува до енергетските инсталации во нашите индустриски компании, од она што го увидовме на терен, во голем дел се во несредена состојба, запоставени се, доста често е присутно немањето на техничка документација и некои други проблематични состојби. Не зборувам за компании кои не се во добра финансиска состојба, туку за компании во солидна финансиска состојба, но ете, поради различни причини, овие системи се запоставени и не им се обрнува доволно должно внимание.  Ние воведуваме модерни системи и нудиме инженерски услуги за да може да се имплементираат и адаптираат истите во рамките на постојните енергетски инсталации во компаниите.

Друго, од анализите што ги направивме заклучивме дека енергетскиот интензитет, односно потрошувачката на енергија по единица општествен производ во Македонија е околу 3,5 до 4 пати поголем од просечниот енергетски интензитет на земјите членки на ЕУ, додека во однос на земјите од регионот нашиот енергетски интензитет е некаде околу два пати поголем, на пример во споредба со Словенија или Хрватска. Статистиката покажува дека вкупната потрошувачка на енергија по глава на жител во Македонија е околу 2,5 пати помала во однос на просечната вкупна потрошувачка по глава на жител на земјите членки на ЕУ. Сето тоа практично значи дека трошиме многу енергија нерационално и недомаќински.

Хендикеп на нашата држава е што не користиме природен гас. Искористеноста на постојниот гасовод е некаде околу 15%. Подолго време се разговара и планира да се изгради гасна мрежа по градовите што ќе ги снабдува објектите од јавниот сектор, компаниите и домаќинствата, затоа што гасот како енергенс е поевтин од електричната енергија, но и еколошки почист за користење. За жал, во овој сегмент сме хендикепирани со немање изградена гасна дистрибутивна мрежа и тоа исто така придонесува да бидеме енергетски интензивни.

БИ: Зошто УСАИД се одлучи да поддржи ваков проект?

dragan 2УСАИД одлучи да иницира и поддржи ваков проект од повеќе причини кои се важни за економскиот развој на нашата држава. Индустријата како една од четирите сектори е водечка во потрошувачката на енергија и учествува со околу една третина во енергетскиот биланс на земјата, вработува повеќе од 30% од сите вработени во земјата и придонесува со над 28% во бруто домашниот производ.  Прекумерните трошоци за енергија што се резултат на нејзината неефикасна употреба значително влијаат врз конкуретноста на производите на индустриските компании на домашниот пазар, а особено на странскиот пазар, каде и конкуренцијата е со компании кои имаат интегрирано вакви системи во нивното работење, а со тоа се и поконкурентни. Тоа единствено може да се подобри со намалување на трошоците на работењето, при што значителни резултати можат да се постигнат со подобро управување и поефикасна употреба на енергијата во индустриските компании. Со престојната либерализација на пазарот на електрична енергија во Република Македонија, индустриските производни компании во земјава ќе се соочат со фактот дека прашањето на енергија е едно од критичните за нивната конкурентност на пазарот. Токму заради тоа УСАИД одлучи да реализира ваков проект во секторот индустрија каде има потенцијал за заштеда на енергија и како резултат на застарени и неефикасни технологии.  Од друга страна, до 2020 година во Европа треба да се намали емисијата на CO2 за 20%, како и потрошувачката на примарна енергија за 20%, а воведувањето на вакви системи треба да даде мотив на сите индустриски компании во земјава да се заложат за ефикасна употреба на сите видови на енергија и со тоа да допринесат и кон постигнување на оваа цел.

Освен тоа, овие системи многу ќе помогнат во претстојната либерализација на пазарот на електрична енергија, затоа што им даваат добри информации на компаниите, што ќе им помогнат подобро да ја планираат потрошувачката на енергија и да склучат поволни договори за купување на електрична енергија од трговците или снабдувачите на електрична енергија.

На национално ниво, Македонија е обврзана до 2018 година да заштеди 9% од финалната потрошувачка на енергија во земјата според Националниот акционен план за енергетска ефикасност. Тоа ни е и обврска кон Енергетската заедница со седиште во Виена, каде сме земја членка. За да ја постигнеме оваа цел, несомнено мораме да се насочиме кон индустријата, која е носител на потрошувачката на енергија во земјава, а со тоа и да ја подобриме нашата конкурентност.