Со посебен закон поранешни и сегашни спортисти ќе добијат право на пензиски стаж, пензиско осигурување и пензија

246

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски денеска одржа прес-конференција на која информираше за отпочнувањето на процесот за утврдување на законско решение за поранешните и сегашните спортисти да добијат право на пензиски стаж, пензиско осигурување и пензија.

“Во заедничка координација со Фондот за пензиско осигурување, Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика и Кабинетот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, формиравме работна група за изнаоѓање на најдобрите модели со коишто преку законска измена ќе се стигне до трајно и системско решение, односно времето коешто спортистите го поминале професионално ангажирани од спортски клуб да им биде додадено, поточно, тоа време, тие години, да им бидат впишани во пензискиот стаж, во моментот кога ќе ги исполнат законските критериуми и старосната граница за заминување во пензија“, рече Мојсовски.

Остварувањето на спортска пензија за поранешните спортисти и спортистки, како што рече, е само првиот сегмент од исполнувањето на владините мерки во однос на трудовите и социјалните политики во спортот.

Следен сегмент е поддршката за регулирање, односно субвенционирање на придонесите на сегашните спортисти и спортистки процес којшто ќе отпочне во вториот квартал од годинава и ќе тече паралелно со тој за спортските пензии.

Фото: Pexels