Со префрлање на обновливи извори на енергија, може да се заштедат трилиони долари

86

Преминот од фосилни горива кон обновливи извори на енергија би можел да му заштеди на светот дури 12 трилиони долари до 2050 година, според студијата спроведена на Универзитетот во Оксфорд.

Во извештајот, кој го пренесува Би-Би-Си, се посочува дека е погрешно и песимистичко размислување според кое брзата транзиција кон почисти извори на енергија е скапа.

Познато е дека цените на бензинот се зголемија поради зголемената загриженост за глобалните енергетски резерви.

Но, како што објави SEEbiz, истражувачите веруваат дека преминот кон обновливи извори на енергија сега има економска смисла поради падот на нивните трошоци.

„Дури и ако припаѓате на групата негирачи на климатските промени, треба да се согласите со она што го заговараме“, изјави за Би-Би-Си професорот Дојн Фармер од одделот за истражување на Универзитетот во Оксфорд.

„Полна пареа напред бидејќи зелената енергија заштедува пари“

„Нашиот заклучок е дека треба да одиме со полна пареа кога станува збор за префрлување на зелена енергија бидејќи тоа ќе ни заштеди пари“, рече тој.

Резултатите од извештајот на британските научници се засноваат на студија на историски податоци за цените на обновливите извори на енергија и фосилните горива и како тие веројатно ќе се променат во иднина.

Обновливите извори на енергија постојат само неколку децении, така што има нешто помалку информации за нив. Но, континуираните подобрувања во технологијата значат дека трошоците за соларната и ветерната енергија брзо се намалуваат со стапка од речиси 10 проценти годишно.