Со роботизирана униформа работници како од шега ќе подигнуваат 100 килограми

44

Работниците кои ги градат најголемите бродови во светот наскоро би можеле да ги извршуваат своите задачи со помош на специјални роботизирани униформи со надворешен скелет (егзоскелет), што ќе овозможи како од шега да подигнат метални парчиња со тежина од 100 килограми, пишува магазинот New Scientist.

Работниците во едно од најголемите бродоградилишта на светот – Daewoo во Јужна Кореја, ја тестирале оваа опрема, што им овозможува многу лесно да подигнуваат тешки предмети.

Експериментот е спроведен заедно со компанијата Marine engineering. Главниот инженер Гилвхоан Чу вели дека тестот покажал дека роботизираните егзоскелети ги зголемуваат можностите на работниците во извршување на нивните задачи. Неговиот тим работи на изработка на прототип што би можел да влезе во редовна употреба таму каде што роботите се веќе ангажирани во делови од производството.

Роботизираната униформа е меѓу 160 и 185 сантиметри и работниците не чувствуваат никаква тежина од нејзината рамка од 28 килограми, што е направена од јаглерод, алуминиум и челик, додека оделото е конструирано да ги поддржува и да ги следи движењата на работниците.

За движење на оваа униформа се користи батерија што трае три часа, а скелетот на работниците им дозволува нормално да се движат. Системот на хидраулични зглобови и електромотори од надворешната страна на ногата е поврзан со ранец што ја контролира опремата.