Делегација на Стопанската комора на Македонија предводена од претседателот Бранко Азески денес престојува во работна посета на Стопанската комора на Србија каде што реализира средба со нејзиното раководство предводено од претседателот Милош Бугарин.
Тема на средбата е актуелната состојба во надворешно-трговската размена меѓу двете земји, со оглед на фактот дека Србија е трет најважен трговски партнер на нашата земја.
“Двете држави треба да работат на продлабочување на економската соработка и во рамките на тоа, на намалување на трговскиот дефицит што го имаме. За тоа извонредна можност е ЦЕФТА договорот. Ни треба регионален производ, банка, логистика. Но, за да се направи сето тоа, потребна е подобра инфраструктура.
Развојот и порастот на БДП во двете земји мора да се одвива покрај Коридорот 10, кој забрзано се привршува во двете земји”, рече Азески, додавајќи дека шансите за пораст во размената треба да се бараат во аграрот, прехраната, хемиската индустрија, сообраќајот и туризмот.
Надворешно-трговската размена меѓу Србија и Македонија се одвива согласно Договорот ЦЕФТА. Во 2012 година достигна вредност од 777,1 милион долари и учествува со 7,4% во вкупната трговска размена на земјава. Евидентирано е негативно трговско салдо од 186,5 милиони долари. Покриеноста на увозот со извозот изнесува 61,2%.
Според компаративните податоци на билатералната размена со Србија евидентиран е пад на вкупната размена од 6,6%, на извозот од 11,4, а на увозот од 3,2%. Во однос на трговскиот биланс во последните години, Македонија има остварено суфицит во размената од 2004 до 2008 година, додека дефицит се бележи во последните две години.