Собрани 235 илјади евра од продажба на пластични кеси

Со новиот закон кој стапи на сила од 1 декември 2021, државата преку фондот на Министерството за животна средина собрала 235.000 евра со поскапувањето на пластичните ќеси во трговијата на 15 денари.

За десет пати е намалена употребата на пластични ќеси откако на сила стапи законот за нивна забрана. Според новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување, од 1 декември ќесите за пазарање во маркети и продавници се наплаќаат 15 денари. Надоместокот од 15 денари за биоразградливи ќеси мора да се евидентира и пренесе во посебен фонд на Министерството за животната средина и просторно планирање.

Министерот за животна средина Насер Нуредини е задоволен од резултатите. Вели дека се одлични и дека граѓаните сè повеќе пазарат со торби.

„Во декември, од продажбата на пластични ќеси се собрани 235.000 евра кои одат во еколошкиот фонд. Сега ќе направиме план за какви еколошки проекти ќе се вложат овие пари. Чекавме да видиме колкави ќе бидат тие средства“, изјави денеска Нуредини.