Социјална услуга и за лицата во најоддалечените места во државата

6

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во утринската програма на Македонската телевизија, рече дека со јавниот повик кое МТСП го објави минатата година, во 24 општини низ државава се реализираат 19 проекти. Од нив 16 проекти се врз основа на претходно мапирање на потребите во локалната средина во секоја општина. Проектите се наменети за помош и нега за стари лица во домот и на лица во дневните центри. Проектот во општините Липково и Делчево е за поддршка и рехабилитација на деца со попреченост. Станува збор за три различни проекти за рехабилитација и  реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина.

„Проектите ќе продолжат и понатаму. Ќе имаме нов повик. Правиме мапирање за потребите на граѓаните. Тоа се возрасни лица кои живеат сами, кои имаат комбинирана или тешка попреченост, а  немаат возрасно лице способно да им помага во домот. На тој начин одбраните корисници, дури и во најоддалечените села во општините ќе имаат помош, поддршка и нега која изнесува 80 часа на месечно. Ќе ја даваат нивни блиски, соседи, луѓе кои што тешко можат да се вработат. Тие поминале низ системот на обука од страна на овластени обучувачи. МТСП ја дава лиценцата на давателот на тие сервиси и дополнително го трансферира паричниот надоместок, преку Центрите за социјална работа”, рече министерката за труд и социјална политика Шахпаска.

Според проектот за подобрување на социјалните услуги, на МТСП еден негувател може да дава помош и на двајца корисници. На тој начин може да заработи просечна плата. Според министерката за труд и социјална политика Шахпаска, на тој начин се постигнува бенефит, но најпрво помош и поддршка на најранливите, за тие да не бидат во институции туку во својот дом. И во иднина овие услуги ќе бидат усовршувани за да бидат одржливи. Министерството ќе го  врши надзорот на почитување на законитоста на квалитетот на услугата која што ја даваат давателите на услугите, преку Центрите за социјална работа.

Со овој проект во првата фаза услуги ќе добиваат 900 корисници во најголем дел помош и нега во домот, а околу 300 даватели на услуги, односно негуватели ќе бидат ангажирани во целиот овој систем.

“Продолжуваме понатаму, следниот повик ќе биде многу скоро од МТСП, потребите кои сега успеавме да ги добиеме со мапирање на состојбите на терен, ќе бидат малку поразлични. Нашата цел е да даваме помош на сите граѓани, деца во социјален ризик, со воспитно социјални проблеми, деца без родителска грижа, стари и немоќни лица, лица со попреченост. Дали е тоа во домот дали ќе биде згрижување во дневни центри или ќе биде центарот за привремена грижата на лицата со попреченост, како што е еден нов облик на услуга која МТСП есенва ќе почне да ја применува, така што имплементацијата  на социјалната реформа конкретно со практични услуги кои треба да одговорат на потребите на граѓаните“, рече министерката Шахпаска, во гостувањето во утринската програма на националниот сервис.