Социјалната реформа донесена минатата година, беше ставена на тест и дава резултати

27

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска учествуваше на конференцијата Социо – економско влијание од Ковид-19 во Северна Македонија– научени лекции и препораки за успешна и одржлива обнова” организирана од Агенциите на ОН претставувани од Канцеларијата на Постојаниот координатор на ОН во Северна Македонија и Фајнанс Тинк.

Заокружување на искуствата и извлекување на заклучоци за влијанието на КОВИД-19 врз благосостојбата на луѓето и кондицијата на економијата како и и идните политики како резултат на стекнатите искуства беше главната тема на која зборуваа денешните говорници на конференцијата.

“Министерството за труд и социјална политика заедно со останатите чинители од Владата учествуваше во креирањето на политиките и преземањето на мерките коишто треба да ги адресираат проблемите како на економијата така и на граѓаните. За нас како Министерство за труд и социјална политика постојат два врвни приоритети во време на КОВИД – 19, а тоа се зачувување на секое работно место и заштита на најранливите категории на граѓани и како на најбезболен начин ја премостат пандемијата од КОВИД – 19,” потенцираше министерката Шахпаска.

Таа посочи дека социјалната реформа која беше донесена минатата година, оваа година беше ставена на тест и се потврди дека дава вистински резултати односно обезбеди олеснување на животот на граѓаните во овој период. Преку спуштање на критериумите за полесен влез на ранливите категории на граѓани во системот на социјална заштита, се обезбеди влез на дополнителни 5500 приматели на Гарантирана минимална помош.

Министерката Шахпаска истакна дека со четвртиот пакет економска помош и поддршка на граѓаните опфатени се сите оние кои не беа дел од со претходните пакети односно, пасивните баратели на работа, пензионерите со пониска пензија од 15.000 денари, самохраните родители, децата без родители и родителска грижа, уметниците и младите од 16- 29 години.

“Предизвикот не е завршен, предизвикот продолжува, имаме искуство, учиме и се надградуваме, со една цел во овој период, да излеземе живи, здрави и после пандемијата работиме на закрепнување на економијата, отворање на работни места, подобар животен стандард за сите граѓани”, порача Шахпаска.