Содржина

53

Пред минатиот четврток, кога пишував за Вардарци, поврзувајќи ја темата за неделниот совет со еден од најважните елемент на нивната победа, мотивацијата, на крајот од текстот малку објаснив и за нивното влијание врз брзото и неорганизирано собирање на луѓето на плоштад. Напишав дека досега никоја организирана и маркетиншки поддржана иницијатива не успеала да собере толку маса на луѓе на едно место, и тоа без никаква иницијатива или претходни планирања, организирање или притисоци.

Нормално, бидејќи ова е неделен совет за професионален и личен развој, да ја поврземе и оваа ситуација со некоја тема од деловниот, професионален живот, или да ја разгледаме повеќе од маркетинг/продажен аспект.

Што е тоа што ги собра сите тие луѓе на плоштад? Зошто понекогаш ќе направиме одлична (рекламна) кампања, ќе потрошиме еден куп пари, ќе ангажираме огромна екипа, а на крајот ефектот / резултатот не е како што сме планирале.

Се е до содржината! “Content” – што би се рекло на англиски. Од тоа каква содржина имате да понудите, каква е суштината/квалитетот/вредноста на некоја информација или производ или услуга, ќе зависи крајниот ефект, дали ќе биде слаб, просечен, одличен или импресивен. Производот или “содржината” што ја понудија Вардарци беше – европски шампиони во ракомет (по втор пат).

Исто ви е дали имате фантастична и скапа рекламна кампања, или некој дечко облечен во најскапи брендови, кога производот (или карактерот на дечкото) е лош или не на нивото на кое се промовира, ефектот ќе биде негативен, или помал. Џабе не рекле “ако производот е врвен, сам ќе се продава”. Е сега дали ќе се продава сам или не, не знам (може да го обработиме ова во некоја следна можност), но поентата е дека ако им се допаѓа на купувачите тие сами ќе го промовираат и ќе бидат многу посилни промотери отколку било која телевизија или радио. Сето тоа е поради добриот производ или “содржината”.

Консументите се веќе преплавени со ветувања, невистини, манипулации од страна на компаниите. Сите ветуваат најдоброто, најквалитетното, вакви или онакви специфики и бенефити, а на крај кога консументот ќе го проба производот или услугата се разочарува. “Шминката”, формата ги привлекла. Ги примамило да го купат, да го употребат производот, но “содржината”, квалитетот не бил на очекуваното ниво.

Колку и да сме свесни дека во денешно време се е фрлено на шминка и вистинските вредности се тотално изгубени (како во бизнисот така и во животот) сепак, она што сум го осетил низ годините работа во маркетинг и продажба, ако имаш добар производ и/или содржина, гласот побрзо ќе се прошири до оние што треба да дојде.

“78% од купувачите преферираат да дознаваат за некоја компанија преку објава на текстови, отколку од реклами.”
(content marketing)
www.lyfemarketing.com

Содржината (content) е многу користен збор во маркетингот т.е промоцијата. Многу често слушаме, кога се зборува за “content marketing”, термин користен во дигиталниот свет (рекламирање) дека содржината ви е се. Цели стратегии и концепти се развиваат како низ релевантен текст, порака, да се доближи компанијата до купувачите. Рекламите веќе ја немаат таа сила. Уште па ако некој друг зборува за вас (ве препорачуваат), а не вие самите преку реклами или текстови, тогаш значи дека вие навистина имате “содржина” (производ, услуга) што вреди да се има.

Фото:Pixabay