SoftBank инвестира 2 милијарди долари во Intel

Јапонската „СофтБанк“ ќе инвестира 2 милијарди долари во американскиот производител на чипови „Интел“, објавија двете компании во понеделник.

SoftBank ќе плати 23 долари по акција за Intel (INTC), што ја зголеми цената на акциите за 6% во тргувањето по затворањето на берзата.

Оваа вест доаѓа само неколку дена откако се појавија извештаи дека Белата куќа ја разгледува можноста за купување удел во Intel. Според американските медиуми, државата би можела да преземе до 10% од сопственоста, во вредност од околу 10,5 милијарди долари.

Некогаш доминантниот Intel ја губи трката од конкуренцијата во последните години бидејќи не успеа да се прилагоди на технолошките промени.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, се сретна со извршниот директор на Intel, Лип-Бу Тан, минатата недела по обвинувањата дека има врски со Кина. Трамп го оцени разговорот како „многу интересен“, додавајќи дека „приказната за успех на Тан е фасцинантна“.

Откако ја презеде компанијата во март, Тан започна процес на реструктуирање што вклучува отпуштање на 15% од вработените. Intel минатиот месец објави дека овој процес е речиси завршен.

Фото: Pixabay