Softbank успеа да ја намали оперативната загуба во изминатата деловна година

Јапонскиот инвестициски гигант Softbank успеа да ја намали оперативната загуба во изминатата деловна година. Таа сума запре на 227,6 милијарди јени (1,4 милијарди евра), откако една година претходно изнесуваше 970 милијарди јени (6,6 милијарди евра), пренесува француската новинска агенција АФП.
За подобрување на деловните резултати придонесоа подобрите резултати на инвестициските фондови Vision 1 и 2 со кои управува Софтбанк, како и приходите од продажбата на кинескиот онлајн трговец на мало Alibaba.

Откако имаше 34 отсто од акциите во Alibaba, Softbank продаде повеќе од седум милијарди од своите акции од почетокот на годината до средината на април оваа година, намалувајќи го својот удел во компанијата на само 3,8 отсто.

Како што пренесува АФП, менаџментот на компанијата се обложува на инвестирање во компании кои развиваат производи од областа на вештачката интелигенција.

Инвеститорите сè повеќе се фокусирани на перспективите на подружницата на Softbank, Arm Holdings, британскиот производител на чипови за кој раководството на Softbank се надева дека ќе ги зајакне нејзините навлегувања во вештачката интелигенција, според Ројтерс.

SoftBank, основана од Масајоши Сон, се прослави со успешни инвестиции во Alibaba и американскиот интернет провајдер Yahoo. Во последниве години, бизнисот беше изложен на бројни шокови, како што е епидемијата на Ковид-19. Компанијата исто така агресивно инвестираше во нови технолошки компании, оставајќи ги нејзините финансии ранливи на движењата на пазарот.