Соларен електричен автомобил што треба да се полни само еднаш годишно – ако не возите премногу

130

Во холандски Lightyear не се шегуваат кога велат дека целта им е да развијат автомобил кој ќе патува по патиштата со месеци, без потреба од полнење. На тоа укажуваат и бројките објавени на нивната веб-страница. Компанијата тврди дека нивниот прв модел, Lightyear One, троши само 83 Wh/km, што е три пати помалку од кое било друго електрично возило на пазарот.

Технологија во повој

Користејќи соларни панели на својот покрив, Lightyear One моментално може да се полни со брзина од 12 километри на час. Засега, велат во стартапот, тоа е доволно за да им се овозможи на многу возачи секојдневно да патуваат на работа искористувајќи ја само сончевата енергија. Имено, како што покажува статистиката на Европската комисија, просечниот Европеец поминува приближно 30 минути патувајќи до работа.

Технологијата за автомобили со соларна енергија (SEV) е сè уште во почетна фаза, па може да се очекуваат значителни подобрувања во наредните години. А за соларните автомобили да бидат поефикасни, ќе треба да работат на поефикасни соларни панели, вели Лекс Хоефслут, извршен директор на Lightyear.

Lightyear не е единствената

Се разбира, неговата компанија не е единствената вклучена во развојот на соларни возила. Класичните производители се свртуваат и кон SEV, а има и голем број стартапи како германскиот Sono Motors, кој развива возило со 248 соларни ќелии интегрирани во неговото тело.

Традиционалните производители на автомобили, како што е Hyundai, исто така развиваат автомобили со опции за соларен покрив што би можеле да наполнат до 60 проценти од енергетскиот капацитет на возилото со соларна енергија. Од друга страна, во Lightyear сакаат да развијат автомобил кој ќе треба да се полни само еднаш или двапати годишно.

Една од најголемите пречки за комерцијализацијата на SEV е фактот што соларните панели моментално работат со ефикасност од 20 до 35 проценти. Ова значи дека треба да се додадат повеќе панели, што пак ја зголемува тежината и цената на возилото. Но во Lightyear не се откажуваат од својата цел.

Летово тие направија тестови на патеката каде што нивниот прототип Lightyear One со едно полнење на батеријата помина 709 километри. Компанијата се стреми да добие најширок можен опсег од релативно мала батерија, што значи дека батеријата и соларните панели да не се премногу тешки.

Тестовите со исто толку добри резултати беа повторени и во октомври на нерамен терен и патишта полни со дупки. Ова значи дека нивниот SEV автомобил доста добро ги издржува условите какви што постојат во реалниот свет.

Тестови за хомологација

Автомобилите со долг дострел со соларна енергија нема да се појават на патиштата толку наскоро. Но, ако ги прашате луѓето од стартапот Lightyear, тоа би можело да се случи многу пред 2035 година, кога земји како Канада објавија забрана за автомобили со мотори со внатрешно согорување.

Дотогаш, Lightyear One се подготвува за понатамошни тестови за хомологација, по што нивниот прв SEV треба да се тркала на пат уште во летото 2022 година. Потоа следува тестирање на возила при брзини од 130 km/h, серија аеродинамички тестови и тестирање на гумите.