Sony најави компанија за електрични автомобили (Видео)

15

Електронскиот гигант Sony го претстави новиот прототип на својот електричен автомобил Vision-S и најави создавање компанија која ќе ги истражува можностите за влез на овој брзорастечки пазар.

Јапонската компанија, попозната по своите телевизори и конзоли за видео игри, ќе ја основа својата подружница Sony Mobility на пролет.

Извршниот директор на Sony, Кеничиро Јошида, ја претстави на саемот за технологија CES во Лас Вегас Vision-S 02 – нова верзија на првиот прототип на компанијата, кој започна тестови на патиштата.

„Преку оваа нова гранка, електронскиот гигант има намера да ја истражи можноста за влез на пазарот на електрични возила“, велат од компанијата.

Vision-S е опремен со внатрешни и надворешни сензори и Sony го користи за тестирање на технологии за автономно возење.

Компанијата работи и на системи за забава во новиот автомобил.

Секторот за електрични возила е сè уште мал, сочинува само околу 3 отсто од тековната продажба во САД, но привлекува голем интерес и инвестиции.