Сопственикот на Зара го продава бизнисот во Русија на Либанци, но…

86

Шпанскиот конгломерат за производство на облека Inditex, сопственик на модните брендови Zara, Massimo Dutti, Bershka, Stradivarius и други, постигна прелиминарен договор за продажба на својот руски бизнис на либанска фирма, но тоа не мора да значи заминување на неговите брендови од рускиот пазар.

„Inditex склучи првичен договор за продажба на своите операции во Руската Федерација на Daher Group… Условите за продажба, кои се предмет на одобрение од владата, ќе овозможат зачувување на значителен број работни места создадени од Inditex Group во Русија“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на шпанската компанија.

Извори запознаени со ова прашање велат дека Daher Group веќе ги поседува правата за франшиза за брендовите Zara и Massimo Dutti на Блискиот Исток. Inditex ја прекина работата во Русија на 5 март, а договорот со Daher значи дека компанијата целосно ќе ја напушти земјата. Сепак, компанијата навести дека нејзините брендови сепак би можеле да се вратат во Русија преку „потенцијална соработка преку договор за франшиза“ со Дахер.

Американскиот магазин Форбс претходно објави, повикувајќи се на извори од шпанската компанија, дека четири брендови на Индитекс ќе се вратат во Русија со нови имиња следната пролет.

Inditex ги затвори своите продавници во Русија веднаш по почетокот на руската воена операција во Украина. Пред тоа, во Русија работеа повеќе од 500 продавници од различни брендови на овој шпански холдинг, што донесе околу 8,5 отсто од глобалниот профит. Загубите на Inditex во случај на целосно повлекување од рускиот пазар се проценуваат на 300 милиони долари, пренесува Танјуг.