Состанок на ЕУ поради брзото ширење на Ковид во Кина: „Треба да бидеме многу внимателни“

57

Владините здравствени претставници на Европската унија ќе одржат разговори на 4 јануари за координиран одговор на порастот на инфекциите на Ковид-19 во Кина, соопштија од шведското претседателство со ЕУ, откако разговорите во декември завршија без одлуки за ова прашање.

На сличен состанок одржан онлајн меѓу повеќе од 100 претставници од владите на ЕУ, здравствените агенции на ЕУ и Светската здравствена организација (СЗО), Италија го повика остатокот од ЕУ да го следи нејзиното водство и да ги тестира патниците од Кина за Ковид -19, откако Пекинг најави дека на 8 јануари ќе ги укине ограничувањата за патување на своите граѓани.

Но, некои членки на ЕУ рекоа дека не гледаат потреба да го сторат тоа и покрај одлуката на Кина да ги олесни ограничувањата за пандемијата во услови на бран на нови инфекции. Ова се случува во период кога земјата ја напушта својата „нула ковид“ политика, односно обидот преку строги карантини и ограничувања, целосно да го запре ширењето на вирусот меѓу своето население во изминатите две години.

„Во среда, на 4 јануари, е закажан состанок за интегриран политички одговор на кризата за да се ажурира ситуацијата со Ковид 19 во Кина и да се разговара за можните мерки на ЕУ што треба да се преземат на координиран начин“, рече портпаролката на шведскиот претседателство.

Европската комесарка за здравство, Стела Киријакидес, во писмо до владите на ЕУ на 29 декември рече дека треба да размислат за итно зголемување на геномското секвенционирање на инфекции со Ковид -19 и следење на отпадните води, вклучително и на аеродромите, за да се откријат какви било нови варијанти, со оглед на порастот на инфекциите во Кина.

Таа посочи дека блокот треба да биде „многу претпазлив“затоа што веродостојните епидемиолошки и тестирачки податоци за Кина се оскудни, советувајќи ги министрите за здравство на ЕУ да ја проценат нивната сегашна практика на геномско секвенционирање на коронавирус „како итен чекор“.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести минатата недела соопшти дека во моментов не препорачува мерки за патниците од Кина. Се наведува дека варијантите што циркулираат во Кина веќе се во ЕУ, дека во ЕУ има релативно високи нивоа на вакцинација, како и дека потенцијалот за увезени инфекции е низок во споредба со секојдневните инфекции во Унијата со кои во моментов се справуваат здравствените системи.