South Central Ventures ќе инвестира 40 милиони евра во најамбициозните стартапи во регионот

scv

Со работа започнува South Central Ventures, менаџер на ENIF фондот кој располага со 40 милиони евра за инвестирање на иновативни компании од регионот: Македонија, Косово, Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина. Официјално фондот е веќе стартуван во Загреб и Белград, и од пред некој ден беше отворена и канцеларијата во Скопје.

Зад South Central Ventures стои тимот на RSC Capital, како основачки партнери кои носат 8 годишно искуство во инвестирање во регионот. Дел од проекти во кои имаат инвестирано се еден од најуспешните словенечки стартапи – Celtra, платформата за креирање мобилни апликации – ShoutEm, дигиталната агенција – Degordian, која стои зад производите Social Puzzle и Mediatoolkit, автоматизираниот систем за пестициди – Tab View.

Сега South Central Ventures се во потрага по ‘следното големо нешто’ што ќе излезе од овој регион.

Во кои стартапи ќе се инвестира?

Фокус е ставен на тех стартапи или конкретно мобилни и веб решенија, интернет на нештата (IoT) или слични инфраструктурни проекти, како и агротехнички решенија.

Фокус нема да бидат проекти од областа на биотехнологија или нано-материјали, бидејќи се многу капитално интензивни и потребно е подолго време за развој и комерцијализација.

Производ или тим – што доаѓа прво?

South Central Ventures веруваат дека технологијата и пазарот се менуваат брзо. Она што е клучно за успех е тим кој е целосно посветен, знае да делува брзо и решава проблеми. Затоа голем акцент се става на основачи кои имаат искуство и одлични менаџмент тимови кои знаат како да го развијат бизнисот и да го освојат интернационалниот пазар.

Каква ДНК се бара во стартапите?

South Central Ventures се отворени исклучително за стартапи кои целат да ‘го освојат светот’. Затоа и таргет се најамбициозните, храбри тимови кои гледаат зад географските граници и градат решенија за глобалниот пазар.

Целта е да се инвестира во стартапи кои имаат потенцијал за интернационален бизнис раст и развој, осносно се наменети за клиенти од Европа или целиот свет. Нема да се инвестира во стартапи кои се лимитирани на локалниот пазар.

Во кои фази на развој на стартапот ќе се инвестира?

South Central Ventures располагаат со фонд од 40 милиони евра за стартапи од целиот регион. 1,5 милион евра се наменети за ‘seed’ инвестиции кои ќе достигнат до 100.000 евра по старт-ап. Овие средства се наменети за проекти кои се на самиот почеток и работат на валидирање на бизнис моделот и пазарот. Остатокот е наменет за ‘early stage growth’ инвестиции кои се од 0,5 до 2 милиони евра по старт-ап. Овие инвестиции се за сериозни тимови кои веќе имаат ‘traction’, база на клиенти и остваруваат приходи и се наменети за интернационален развој на бизнисот и освојување на нови пазари.

South Central Ventures настапуваат со ‘smart money’, односно освен капитални инвестиции, стартапите добиваат дополнителна вредност – контакти и мрежа преку т.н. Клуб на основачи во кои се некои од најискусните инвеститори, ментори и претприемачи од регионот. Со инвестициите South Central Ventures влегуваат со малцинско учество во бизнисот.

Како да им пристапите?

South Central Ventures веќе имаат отворена канцеларија во Скопје. Г-ѓа Татјана Забасу е директорка на канцеларијата во Скопје, а фидбекот и анализите на стартапи ќе го прават Ивана Станковиќ и Ирена Ефремовска, активни на македонската старт-ап сцена. Фондот нема отворени повици врзани со рокови, туку е отворен секое време да чуе за најамбициозните стартапи. Тимот во Скопје е во потрага по стартапите кои ‘dream and do it big’. Најдобар начин да се оствари контакт е да им се пристапи на некои од старт-ап настаните, кои често ги посетуваат, и да се разговара за идејата и потенцијалот за инвестиција и раст.