SpaceX ќе испрати луѓе на Марс до крајот на деценијата

26

Добро познат факт е дека Илон Маск го основал SpaceX со крајна цел да ги направи луѓето меѓупланетарна цивилизација, односно барем да го насели Марс во догледна иднина. Пред извесно време, самиот Маск накратко одговори на едно „меме“ на Твитер, најавувајќи дека луѓето ќе одат на Марс во 2029 година. Иако таму понекогаш знае и да се пошегува, во случајов изгледа тоа е официјалниот став на компанијата.

Главниот оперативен директор и претседател на SpaceX, Гвин Шотвел даде интервју за американската телевизија CNBC во кое водителот директно ја праша – кога мислите дека ќе одиме на Марс? Таа без размислување одговори: „До крајот на оваа деценија“. Таа напомена и дека луѓето пред тоа ќе се вратат на Месечината, што е во согласност со плановите на НАСА, односно мисијата Артемис, во која важна улога има и SpaceX.

Шотвел верува дека луѓето ќе одат на Марс уште во 2020-тите: „Мислам дека треба да испратиме голема пратка на површината на Марс, а потоа луѓето ќе почнат да размислуваат за тоа поинтензивно. После тоа, мислам дека во рок од пет до шест години, тие ќе видат дека Марс е место каде навистина може да се оди“.

За Месечината, но и за Марс, SpaceX го развива истиот вселенски брод, Starship. Ова е најголемиот предизвик за нив – како да направат еден тип на вселенски летала што може многу пати да полета од Земјата, да стигне до орбитата, таму да наполни гориво и потоа да продолжи понатаму во вселената.

По ваквото патување, Starship би требало да може да се врати на Земјата, меко да слета и потоа многу брзо да биде подготвен за следното лансирање. „Starship е најнапредната и најкомплексната ракета некогаш направена“, тврди Маск.

Во моментов се чека одобрението на американската агенција за воздухопловство, FAA, која мора да даде зелено светло за првото пробно лансирање на Starship во орбитата. Тој тест е во мирување со месеци, а треба да се случи летово.