Специјализирана инфо тура за претставник на реномираниот тур оператор Wild Frontiers

121

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) на Република Македонија е организатор на тридневно патување во нашата земја за Марк Лидерман, претставник на лондонскиот тур оператор Wild Frontiers.

Денес заедно со планинарскиот водич Јонче Илевски патувањето ќе го започнат во Битола со истражување на Националниот парк Пелистер. Во турата е вклучено планинарење до локалитетот Јоргов Камен, до Црвени Стени и назад до Дихово, по патеката од Прва светска војна. Вториот ден е предвиден за посета на Прилеп, Маркови Кули и манастирот Трескавец. Посета на винскиот регион и Демир Капија е дел од патувањето каде ќе се пробаат вкусовите и мирисите на македонското вино и гастрономски специјалитети. Источна Македонија е предвидена за последниот ден од патувањето, кое започнува со посета на Кратово, Шанчева куќа, Куклици и локалитетот Кокино.

Oд читателите на Wanderlust во секоја од последните 10 години Wild Frontiers се етаблирани во Топ 10 туристички оператори. Во 2014 година биле прогласени за втор најдобар туристички оператор во Велика Британија. Слични признанија имаат добиено и од National Geographic Traveler, Conde Nast Traveler, Guardian/Observer и National Geographic Adventure Magazine.

Тоа што ги прави уникатни и различни е организирањето на оригинални тури – без разлика дали тие се за мали групни патувања или индивидуално создадени за нивните индивидуални клиенти – кои ви дозволуваат да патувате метафорички кажано “под површината на регионот”.

Нивниот стил на патување е истражување и отворање на нови дестинации и рути за патувачи кои бараат возбуда. Постојано се во чекор со нови дестинации и честопати први се враќаат на места коишто исчезнале од туристичката мапа.

Повеќе информации за тур-операторот и тимот на  Wild Frontiers може да се најдат на нивната веб страна  www.wildfrontierstravel.com и www.wildfrontiersfoundation.org . Агенцијата за туризам дополнително ќе ги сподели сите објавени тури кои ќе бидат ставени во програмата на лондонскиот Wild Frontiers.