Хрватскиот град Сплит ќе добие апликација со којашто граѓаните ќе може да повикаат пајак служба преку мобилен уред, пишува Пословни дневник.
“Ќе го промениме фокусот и работата на пајак службата така што ќе се работи на повик на граѓаните, кои преку мобилна апликација ќе може да пријават непрописно паркирање. Ние ќе се трудиме комуналните влезови, пешачките премини, автобуските станици и местата за лица со инвалидитет да бидат слободни. Ќе се обидеме во нашата редовна работа да се фокусираме на воспоставување комунален ред, додека градските населби ќе се посетуваат по повик на граѓаните. Дојавите на граѓаните на мобилната апликација ќе бидат бесплатни“, вели Марко Бартулиќ, директор на претпријатието Сплит паркинг.
Мобилната апликација, којашто ќе ја изработи информатичката компанија Profico, на возачите во секое време ќе им понуди информации за слободни места за паркирање. Апликацијата ќе поддржува испраќање фотографии, по што корисниците може да ја повикаат пајак службата доколку некој е непрописно паркиран.
Пилот проектот би требало да почне да се реализира за два месеца на улицата Домовински рат, па доколку резултатите се позитивни апликацијата ќе може да се користи на ниво на целиот град.