Spotify ќе потроши 1 милијарда долари за откуп на сопствените акции

63

Популарниот сервис за стриминг на музика Spotify, објави дека до 21 април 2026 година ќе инвестира една милијарда долари во купување сопствени акции. Вкупната вредност на компанијата во моментов се проценува на 41,06 милијарди долари, а вредноста на акциите скокна за 5,1 проценти по оваа објава.

Ова не е изолиран случај. Многу компании кои се на берзата се одлучуваат на овој чекор. Apple, Alphabet и Microsoft имаат активни програми за откуп на акции и стана вообичаено големите компании да издвојуваат дел од своите пари за откуп, главно од мали акционери.
Главната причина е што со ограничување на акциите во оптек, теоретски се постигнува нивниот постепен раст, бидејќи најголем дел од сопственоста е во самата корпорација.

Што се однесува до Spotify, највисоката вредност на акциите во изминатата година изнесуваше 387,44 долари, но во моментов е значително помала – 215,84 долари. Во позадина на ова, одлуката на компанијата има смисла, бидејќи се надеваат дека ќе влијае на долгорочниот раст на акциите, но и на профитот. Имено, во првата половина на 2021 година, Spotify пријави приходи во износ од 4,5 милијарди евра. Сепак, компанијата го заврши првото полугодие со 3,1 милијарди евра во готово.

Ова укажува дека распределбата на милијарди долари во следните неколку години нема да има големо влијание врз количината на готовина во компанијата, особено затоа што износот на готовина расте од година во година.