Спречен извоз на краставици од Србија: Откриен фунгицид

Во Словенија во свежи краставици од Србија е пронајден фунгицидот металаксил, а извозот е прекинат.

Како што соопшти Европскиот систем за брзо предупредување за трговија со храна (РАСФФ), по граничната контрола наредиле да се уништат краставиците.

Металаксил не е означен како опасен, но бил пронајден во краставиците во поголема количина од дозволената. Дозволената количина е 0,01 милиграм по килограм, а контингентот стока содржел 0,025.

Металаксил е фунгицид од хемиската група на ацилаланин, кој делува превентивно и се користи за заштита од растителни болести.

На почетокот на септември на граничниот премин меѓу Црна Гора и Србија – Добраково, инспекција спречи увоз на речиси 10 тони праски и нектарини, при што е пронајден пестицид опасен по здравјето на луѓето, особено на децата – хлорпирифос.

Истиот пестицид е пронајден и во сливи увезени од Србија во Хрватска, кои потоа биле уништени.

Во август Фитосанитарната инспекција на Управата за заштита на растенијата на Србија, по детална анализа, утврди присуство на пестицидот хлорпирифос и во праските што требаше да се извезат во Хрватска, а беа вратени од граница.