Србија: Агро дрон за иновативна анализа и третирање на земјоделските посеви

66

zemjodelie

Претприемачот и инженер од Белград, Иван Петрушевски, развива дрон за анализа и третирање на земјоделските посеви во Србија и пошироко, пишува Стартит.

“Во последните три години собирав храброст да ја напуштам работата што ја работев девет години за да можам да се посветам на овој проект. Се обидував да ја разработам идејата додека бев вработен, но не одеше по планот бидејќи потребно е многу време. Решив да дадам отказ и да се посветам на развојот на идејата за примена на дроновите“, изјави Петрушевски.

Дронот, преку посебен систем, ќе ги собира податоците од мерните станици и ќе им помогне на земјоделците да добијат информации за состојбата на посевите во реално време. Дронот ќе им помогне навреме да реагираат доколку се појават болести на некои од растенијата или доколку посевите претрпат последици поради неповолните временски услови.

Дронот ќе може автономно да се движи, без да има потреба некој од земја да управува со него. Во точно утврдена позиција ќе ги фотографира растенијата и врз основа на точно утврден индекс ќе може да се одреди нивото на фотосинтеза.

Следниот чекор ќе биде одредување на квалитетот на почвата, мерење на атмосферските параметри за да се утврди дали постојат некакви проблеми. Дронот ќе може да ги пребројува растенијата и стеблата, што ќе помогне во одредување на оптималната покриеност на полињата, детектирање на проблеми со наводнување, појава на штетници…

Во еден лет од 40 минути дронот покрива површина од 115 хектари, по што со едноставна замена на батеријата е подготвен за следниот лет. Полнењето на батеријата на дронот трае од еден до три часа, за тоа време се користи резервната батерија.

Активирањето на дронот може да се прави и преку мобилен телефон, таблет или лап топ.