Бројот на пензионери во Србија го надмина бројот на вработени. Според последните податоци на Ипсос стратеџик маркетинг, на еден пензионер во Србија има 0,94 вработени. Но, проблемот не е во бројот на постарите граѓани, туку во високата стапка на невработеност, која на крајот на април изнесуваше 24%, пишува Политика.
“Србија е специфична по значењето на оваа популација во издржувањето на помладите членови на домаќинствата или на цели фамилии, па така и во генерирањето на вкупната потрошувачка”, изјави Срѓан Богосављевиќ, директор на Ипсос стратеџик маркетинг, на претставувањето на истражувањето што го спроведоа заедно со Банка Интеза.
Овој тренд веќе се одразува и на економското секојдневие, па така, една третина од клиентите во банките во Србија има преку 60 години. Затоа во целиот регион е се повидлив трендот на креирање банкарски понуди само за овој сегмент од населението, пишува Политика.
Уделот на популацијата постара од 60 години во Србија е во рангот на Европа. Во Србија овој удел е 24,7%, додека европскиот просек е од 20,3% до 26,4%.