Србија ќе овозможи пензиско и инвалидско осигурување за земјоделците

116

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека заедно со експерти од Светска Банка имаат составено работна група којашто бара решение за проблемот со пензиско и инвалидско осигурување кај земјоделците. Брнабиќ очекува дека решението ќе биде спроведено во 2020 година, бидејќи веќе се изготвени првите модели и доколку сè оди по планираната динамика би можело да се реализира во текот на третиот квартал од следната година.

Моменталното законско решение во Србија датира од 1986 година. Желба за промени постоеше подолго време, а иницијатива за промени во законот беа најавени во мај 2018 година.

Тогаш очекувањата беа дека предлог закон ќе биде изготвен до крајот на 2018 година, но тоа сè уште не е случај.

Проблемот со осигурувањето се состои во тоа што земјоделците имаат нередовни примања и поради тоа нередовно уплаќаат и за осигурување, што пак предизвикува товар на државата и многу ниски пензии за пензионираните земјоделци.

Проценките се дека над 60.000 лица во Србија се земјоделци кои работат профитабилно. Дел од нив се демотивирани за државно осигурување поради бројните случаи кога нивни поранешни колеги барале пензија и не можеле да се најдат во дата базата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, иако имале извршено одредени уплати. Дел од земјоделците во Србија сметаат дека е далеку поедноставно да уплаќаат за животно осигурување отколку обврските да се подмируваат со државата.