Владата на Србија предложи да се забрани вработување на нови лица во јавниот сектор поради пополнување на слободни, односно испразнети работни места до 31 декември 2015 година, освен во исклучителни околности, во согласност со Владата, јавува Танјуг.
Во предлог измените и дополнувања на Законот за буџетски систем се предвидува и вкупниот број на вработени на одредено време поради зголемен обем на работа или привремено ангажирани кај корисници на јавни средства, да не може да биде поголем од 10% од вкупниот број на вработени. Според проценките, мерката за ограничување на вработувањата во јавниот сектор во 2014 година би донела заштеда од околу 0,15% БДП, а во 2015 година дополнителни 0,25% БДП.
За прекршителите на овие одредби од законот се предвидени и парични казни.
Забраната за вработување не се применува на судии, јавни обвинители и заменици на јавните обвинители, на избрани, поставени и именувани лица во државните органи и органите на единиците на територијална автономија и локална самоуправа, како и на директорите на јавните претпријатија, друштва на капитал, установи и јавни агенции.
Владата на Црна Гора во следните три години ќе го намали бројот во јавната управа за околу 6.000 луѓе и на тој начин ќе заштеди околу 64 милиони евра во буџетот. Без работа во државните служби ќе останат најмногу во полицијата, здравството и образованието, најави директорот за државна управа, Веселин Вучковиќ.
“Во јавниот сектор има околу 60.000 вработени, а планот е до 2017 година тој број да се намали за 10%. Планот е конечно да се стопираат понатамошните вработувања за кои нема потреба, но и околу 6.000 вработени да ја напуштат државната служба, со отказ, заминување во пензија или преминување во приватниот сектор”, вели Вучковиќ, пренесува Б92.