Србија сака да стане еден од најголемите пазари на Газпром на Балканот

39

Србија размислува да побара од Русија да ги удвои испораките на гас, изјави претседателот Александар Вучиќ за ТВ Хепи. Српскиот претседател коментираше дека земјата најверојатно ќе преговара за набавка на 3 милијарди кубни метри во следните 10 години.

Според веб-страницата на Газпром, Србија во 2020 година добила 1,4 милијарди кубни метри руски природен гас. Испораките целосно минуваат низ територијата на Бугарија.

Доколку Белград преговара за зголемени испораки, Србија ќе стане еден од најголемите пазари на Газпром на Балканот. Во 2020 година, најголем потрошувач на руски гас во регионот е Грција со 3,1 милијарди кубни метри, а потоа следи Бугарија со 2,3 милијарди кубни метри.

Причина за зголемувањето е енергетската криза.

„Денес купуваме гас со долгорочни договори за 270 долари (за 1.000 кубни метри), можете ли да замислите што ќе се случи ако цената се искачи на 900 долари“, изјави Вучиќ за српскиот телевизиски канал.

Просечната цена на рускиот природен гас во 2020 година беше 125 евра за 1.000 кубни метри, покажуваат податоците на Газпром за испораките со долгорочни договори. Летово недостигот од гас сериозно ја зголеми цената на гасните пазари во Европа, а поради поскапувањето на нафтата расте и цената на суровината, пресметана врз основа на нафтени еквиваленти.

Поради замрзнатата процедура за сертификација на Северен тек 2, цената на природниот гас го надмина нивото од 1.100 долари за 1.000 кубни метри, или речиси 100 евра за мегават-час. Пазарите се нервозни и поради одлуката на „Газпром“ да не учествува на тендерите за доделување дополнителен капацитет преку Украина и Полска.

Вучиќ коментираше и дека во моментот има 161 милион кубни метри во складиштата за гас во Србија, а земјата веќе почна да црпи од нив поради енергетската криза на Стариот континент.

Српскиот претседател ќе разговара со својот руски колега Владимир Путин на 25 ноември во Москва. Тогаш се очекува да се разговара и за цената на гасот и за испорака на суровини за Србија.

На крајот на 2020 година, Александар Вучиќ коментираше дека Белград купува гас од каде што е најевтин и не е загрижен за можните санкции. Српскиот претседател објасни дека преговарал за испораките со Азербејџан, но му било кажано дека не се планирани количини за Србија преку Трансјадранскиот гасовод (ТАП).