Средба Ангеловска-Бежоска ‒ Бомгартнер: Монетарната политика е соодветно поставена да одговори на нагорните инфлациски движења

78

Заради последните податоци за инфлацијата, којашто и во април забрза, како и заради влијанието на ваквите остварувања врз инфлациските очекувања, Народната банка продолжи со постепеното зголемување на основната камата. Притоа, затегнувањето на монетарната политика е умерено. Ценовната стабилност е неопходен предуслов за поддршка на стабилен и долгорочен економски раст.

Ова беше истакнато на средбата меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорот на Република Франција во земјава, Сирил Бомгартнер и  регионалната советничка за економски прашања, Флоренс Добел. На средбата, се разговараше главно за согледувањата на Народната банка за состојбите во економијата, додека сѐ уште постои неизвесност поради енергетската криза и воениот конфликт во Украина, како и за очекувањата за следниот период.

Се разгледаа и макроекономските проекции и очекувањата за македонската економија за претстојниот период, имајќи предвид дека тие се важни и за согледувањата на Европската комисија за состојбите во нашата држава. Во тој контекст беше посочено дека од исклучително значење на Народната банка е продолжувањето на можноста за користење девизна ликвидност преку репо-линијата кај Европската централната банка, што беше резултат на позитивните оцени за работењето на Народната банка од страна на европските институции. Оваа можност е сѐ уште отворена и досега не е користена од страна на Народната банка.

На средбата беше зборувано и за движењата во банкарскиот систем и за показателите за финансиската стабилност. Притоа, беше истакнато дека од особено значење е што поскоро да се усвои регулативната рамка со којашто ќе се овозможи продлабочување на активностите на Народната банка во доменот на макропрудентната политика. Со тоа, ќе се овозможи јасно дефиниран мандат на централната банка за донесување макропрудентна стратегија и за преземање макропрудентни мерки, заради зајакнување и одржување на финансиската стабилност, како еден од столбовите на макроекономската стабилност во државата.

Во завршницата на средбата беше посочено дека работењето на Народната банка е оценето како успешно од меѓународните финансиски институции, поради што нејзините согледувања, оцени и одлуки стануваат клучни за видувањата и оцените и на дипломатскиот кор.