Средба Бесими, Палмер, Рикер и Брнз: Побрз економски раст и раст на стандардот највиско на листата приоритети

18

Годинава ќе биде година на заздравувањето, по што Република Северна Македонија ќе се стреми кон остварување на приоритетните цели за забрзан раст и спроведување на европската агенда. Долгогодишното партнерство и поддршката од Соединетите Американски Држави во општествениот и економски развој на Северна Македонија, како и во евроатланските интеграции се од непроценливо значење за нашата земја во остварувањето на приоритетите. Министерот за финансии Фатмир Бесими, денеска на маргините на Преспа Форум Дијалог, оствари средба со помошникот државен секретар и заменикот помошник секретар во Бирото за Европски и Евроазиски работи во Стејт Департментот на САД, Филип Рикер и Метју Палмер и амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз, на која беше зборувано за соработката и за перспективите на нашата економија.

Приоритетите кон кои е насочена Владата и Министерството за финансии е постигнување на повисоки стапки на економски раст од 4% до 5% годишно, како и раст на платите за 20% до 30% на среден рок со цел подобрување на стандардот на граѓаните. Кон ова ќе целиме преку спроведување на фискална политика на среден рок, која ќе биде насочена кон инвестиции, заздравување и одржлив раст и фискална консолидација. Во оваа насока веќе е направен значаен исчекор преку подготовка на соодветна легислатива која ќе биде база за спроведување на овие реформи како: новиот Закон за буџети, кој е усвоен од страна на Владата, подолгорочна Фискална стратегија и Стратегија за управување со јавниот долг, Стратегија за даночна реформа, како и амбициозен повеќегодишен инвестициски план.

Од аспект на зголемување на инвестициите, во Министерството за финансии во финална фаза е Планот за финансирање на зaздравување и забрзан раст, кој има за цел да ги мултиплицира средствата за инвестиции преку ангажирање на приватен капитал. На тој начин побрзо ќе може да се постигне планираната развојна агенда, а истовремено ќе може да се спроведе и фискална консолидација.

На средбата од двете страни беше изразена заложба за продолжување на добрата соработка и партнерство, како и поддршка за реализација на приоритетите во градење на подобро општество и посилна економија.