Средба на министерот Бесими со претставници на МИГА – Можност за поддршка на проекти за енергетска транзиција

53

Планираните проекти на земјава во енергетскиот сектор,  инвестициите во јавно приватни партнерства, како и донесувањето и имплементацијата на новиот План за финансирање на економското заздравување и забрзаниот раст беа тема на состанокот што министерот за финансии Фатмир Бесими, заедно со претставници од Министерството за финансии го одржаа во рамки на Годишните средби на ММФ и Светската Банка, со Олга Шловскаја, регионална директорка на Мултилатералната агенција за гарантирање на инвестициите (МИГА) за Европа и Централна Азија и Сарвеш Сури оперативен директор во МИГА.

Министерот Бесими на средбата истакна дека државата има амбициозен, но остварлив план за енергетска транзиција. Предвидени се повеќе проекти, како интерконективна гасоводна врска со Република Грција, дополнителни фотоволтаични капaцитети, ветерни паркови, а со цел за да се замени јагленот со други алтернативни извори на енергија. На тој пат потребно е да се  утврдат приоритетите на проектите, нивната динамика, како и меѓународна поддршка.

На состанокот беше потенцирана можноста МИГА да понуди осигурување за проекти за јавно-приватно партнерство во делот на енергетиката, како и решенија за подобрување на кредитот за финансирање проекти кои бараат јавно финансирање.

МИГА е меѓународна организација за поддршка на странски инвестиции, основана како дел од Групацијата на Светската банка. Таа издава гаранции за осигурување од комерцијални ризици како што се пренос на валути, експропријација, прекршување на договорни одредби, воени и социјални немири и слично. Активности кои ги покрива на глобалниот пазар на осигурување на инвестициите се: зголемување на капацитетот на другите јавни и приватни агенции за осигурување од политички ризици преку коосигурување и реосигурување, инвестициско осигурување во други земји, полиси за осигурување од страна на агенциите, како и услуги на инвеститорите кои немаат пристап до официјални агенции за осигурување од политички ризик.

МИГА веќе има издадено гаранции за повеќе инвестициски проекти во земјава: гаранции на компанијата „Цементарница УСЈЕ“, „Прокредит Банка“, „Стопанска банка“, „НЛБ Банкa“ и други.

На состанокот беше посочено на приоритетните цели на Министерството за финансии, при што беше дискутиран Планот за финансирање на економското заздравување и забрзаниот раст за периодот 2022-2026 година, кој меѓу другото, нуди и детален увид во традиционалните и иновативните начини на финансирање на инвестициските проекти на јавниот и приватниот сектор.