Средба на претседателот Пендаровски со Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш

23

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на 76. Генерално собрание на Обединетите нации, во Њујорк оствари средба со Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

На средбата беа разменети мислења за севкупните активности на Република Северна Македонија во рамки на Обединетите нации, како и за улогата на организацијата во справувањето со глобалните прашања.

Во тој контекст, генералниот секретар Гутереш оддаде признание за покажаната солидарност од страна на Република Северна Македонија со вклучувањето во глобалната хуманитарна акција за привремено прифаќање на граѓани од Авганистан.

На средбата беше истакната важноста на Преспанскиот договор, склучен под покровителство на Обединетите нации, како пример дека и најкомлексните отворени прашања може да се разрешат доколку за тоа постои политичка волја и силно лидерство.

Двајцата соговорници разменија мислења и информации за актуелната состојба во однос на европската перспектива на државата, вклучувајќи го отвореното прашање со Република Бугарија. Двајцата соговорници констатираа дека деблокадата на евроинтегративниот процес е од интерес за стабилноста и просперитетот на регионот и на Европа во целина.