Средба Зимер – Ангеловска-Бежоска: Успешното работење на Народната банка е клучно за македонската економија

43

Успешното работење на Народната банка е клучно за македонската економија. Ова се докажа и низ годините, а особено од почнувањето на корона-кризата наваму, кога се потврди дека капацитетот којшто Народната банка го имаше изградено ѝ овозможи навремено и ефикасно дејствување во рамките на својот мандат, за да ја поддржи економијата во справувањето со ефектите од кризата. Ценовната и финансиската стабилност се предуслов за економскиот развој и обезбедуваат простор којшто треба да се искористи од другите носители на политики за остварување структурни реформи коишто ќе поддржат стабилен и долгорочен економски раст.

За ова беше информиран новиот шеф за економски и политички прашања при амбасадата на САД, Кристофер Зимер, на првата средба со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. На средбата, меѓу другото, акцентот беше ставен на согледувањата на Народната банка за состојбите во економијата, особено во финансискиот сектор, како и за очекувањата за следниот период, согласно со проекциите. Притоа, уште еднаш беше потврдено дека ќе продолжи поддршката за македонската економија, за што од голема важност е соработката и комуникација со Народната банка, чии проекции се клучни за согледувањата на меѓународната јавност, вклучително и инвеститорите.

На средбата беше разговарано за најновите показатели за финансиската стабилност, особено за банкарскиот систем. Притоа, беше истакнато дека е од голема важност што во досегашниот тек на корона-кризата, нефункционалните кредити се на ниско ниво, при што супервизорскиот фокус е насочен кон следењето на кредитниот ризик. Истовремено, беше истакнато дека од голема важност е внимателното однесување на банките со натамошно градење капитален потенцијал, за што придонес имаше и Народната банка со своето дејствување како регулатор.

Се разговараше и за макроекономските проекции и очекувањата за економијата за претстојниот период, имајќи предвид дека тие се важни и за согледувањата на американските компании за македонскиот пазар. Притоа, беше истакнато очекувањето за следната година за враќање на економскиот раст на преткризното ниво, што сепак е условено од натамошните случувања со пандемијата.

На состанокот беше нагласена и големата важност на подготвеноста на економијата за дигиталната трансформација и за прифаќање на новите технологии. Во тој контекст, како особено важна беше издвоена подготвеноста за поддршка на развојот на финтек-секторот, за што Народната банка веќе подготвува и национална стратегија. За неа се очекува и меѓународен интерес, бидејќи ќе биде презентирана и пред финтек-компаниите коишто се заинтересирани за учество на македонскиот пазар, а особено по донесувањето нов Закон за платежни услуги и платни системи.

Во завршницата на средбата беше посочено дека успешното работење на Народната банка е високо оценето од меѓународните финансиски институции, поради што нејзините согледувања, оцени и одлуки ќе бидат клучни и за видувањата и оцените и на дипломатскиот кор.