Американскиот софтверски гигант Microsoft во текот на следната година планира да укине 18.000 работни места ширум светот. Од нив, 12.500 отпаѓаат на откази на вработени во Nokia devices and services, компанија што Microsoft ја презеде во април оваа година. Најголем дел од отказите се однесуваат на оние работни места каде што има поклопување на обврските и одговорностите од двете компании, а целта е да се спроведе ефикасна организираност на работните задачи на Microsoft.
Од овие отпуштања најмногу ќе бидат загрозени вработените во средниот менаџмент на компанијата.
“Нашиот план е да ги намалиме нивоата на менаџмент, со цел да се забрза протокот на информации и да се забрза процесот на донесување на одлуките… Ова вклучува изедначување на начинот на организирање, како и зголемување на опсегот на контролата што ќе ја имаат менаџерите“, вели главниот извршен директор на Microsoft, Сатја Надела.
Овој потег, како што соопштуваат од компанијата, е дел од планот за реорганизација и поедноставување на работењето, а е наменет и за хармонизирање на работењето со Nokia devices and services.
Најавеното намалување на работните места ќе погодат околу 14% од глобалната работна сила на Microsoft, која моментално се движи околу 127.000, а поради најавените отпуштања, компанијата ќе претрпи трошоци од 1,1 и 1,6 милијарди долари.
Отпуштањата доаѓаат откако Надела, кој ја презеде челната позиција во оваа компанија од Стив Балмер на почетокот на годината, објави дека сака фокусот на Microsoft да се префрли од софтвер на on line услуги, апликации и уреди.
Последниот голем бран отпуштања во Microsoft се случи пред пет години, кога Балмер донесе одлука да отпушти 5.800 лица.