Среќно поле е името на новата наградна игра што ЕВН Македонија ќе ја организира за своите редовни плаќачи. Најсреќните корисници ќе учествуваат на телевизиско шоу каде преку игра на среќа ќе можат да добијат вредносен ваучер за енергетско-ефикасни апарати во вредност од 6.000 до 100.000 денари.
Домаќинствата и малите бизнис корисници кои редовно и во рок ги подмириле своите долгови за електрична енергија, ќе имаат право да учествуваат во играта. Ова не се однесува на вработените во ЕВН Македонија.
“Во секоја емисија ќе учествуваат по тројца најсреќни корисници влезени во базата на редовни плаќачи кои ќе ги бира системот по случаен избор. Еден од нив ќе биде со сигурност корисник што плаќа сметка за електрична енергија со траен налог. Вкупно ќе се бираат тројца официјални и пет резервни учесници кои ќе можат да се појават на шоуто само доколку официјалните не се во можност. По електронски пат на крајот на секоја емисија ќе се избираат учесниците за наредната”, информираше Ленче Карпузовска, раководител на Одделот за комуникации во ЕВН Македонија.
Водител на наградната игра ќе биде актерот Сашко Коцев, а нејзиното емитување ќе започне утре во 13:30 часот на МТВ1 со репризно издание на МТВ2 со превод на албански јазик. Среќно поле ќе се емитува секоја втора сабота се до 20 јули со можност за продолжување. Резултатите ќе бидат објавени и во најмалку два дневни весника.
“Првата емисија на Среќно поле ќе има хуманитарен карактер, а својата среќа ќе ја испробаат Калиопи, Индира Кастратовиќ и Зоран Љутков. Наградите во вредност од 6.000, 12.000, 30.000 или 100.000 денари што ќе ги добијат ќе ги донираат на децата штитеници на невладината организација Дајте ни крилја”, посочи Карпузовска.