
На листата на ТОП 1.000 брзорастечки компании во регионот, најмногу компании има од Србија – 306 компании, потоа Хрватска со 299 и Словенија со 223 компании, објави сараевски Пословне новине.
Регионот Адриа, во ова истражување, покрај Србија го сочинуваат Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија. Вкупниот приход на споменатите 1.000 компании во 2023 година изнесува 12,9 милијарди евра.
Главниот мотор за раст на компаниите во регионот Адриа, но и во речиси сите земји поединечно, е забрзаниот раст на пазарот на недвижности, што го направи градежниот сектор лидер меѓу брзорастечките индустрии.
Голем број граѓани во земјите од регионот сметаат дека купувањето недвижен имот е најдобар начин да се заштитат од инфлацијата, која поттикнува изградба и на станбени и на нестанбени објекти.
Зголемување на приходите бележат и туристичките агенции и хотелите и приватните сместувања, што може да се толкува како раст на туризмот по стагнацијата во овој сектор за време на пандемијата.
Листата се базира на растот на приходите на компанијата во последните три години и компаниите се рангирани според сложената годишна стапка на раст (Compound Annual Growth Rate, CAGR).
На онлајн платформата објавена од Poslovne novine за прв пат беше објавена најновата ранг листа на брзорастечки компании во регионот Адриа.











