Потпретседателите на Сојузот на стопански комори на Македонија, Горан Ѓоргиевски и Сашо Дукоски како дел од владината делегација учествуваа на состаноците на меѓувладините работни групи и стопанските комори во рамки на иницијативата „Отворен Балкан” каде се дискутираше за детална имплементација на постигнатите договори. Настанот се одржа во Тирана, а во фокус на дискусија на средбите беше изнаоѓање на заеднички механизми за постигнувањето на енергетска стабилност во регионот како и надминување на предизвикот за обезбедување на доволни количини на основни прехранбени производи.
Формирани се пет работни групи, комисии, а во рамките на нивните активности ќе се подготват конкретни решенија за операционализација и имплементација на веќе постигнатите договори во рамките на „Отворен Балкан”. Потпретседателот на Сојузот и претседател на Агро-бизнис комората, Ѓоргиевски како член на работно тело учествуваше на панелот “Безбедност на храна: решенија, инструменти и мерки”.
„Работните состаноци беа исклучително ефикасни. Постигнат е договор да се направи драфт верзија на протокол со кој ќе се постигне елиминирање на царинските и транспортните бариери кои сега постојат и ќе се поедностават процедурите поврзани со Агенција за храна и ветеринарство и со Фитосанитарна инспекција. Овој протокол очекуваме да биде усогласен и потпишан од претставници на трите држави во септември во Белград”, истакна Ѓоргиевски.
Потпретседателот на Сојузот Сашо Дукоски, како дел на комисија, учествуваше на панелот посветен на изнаоѓање на можности за унапредувањето на трговската размена и синџирите на снабдување. Бизнис секторот ги детектира слабостите во движењето на стоките, работните дозволи и движењето на капиталот. Сојузот исто така ја адресира потребата да отворат „зелени ленти” на граничните премини и за патничкиот сообраќај, а не само за товарниот.
Посебен акцент се стави на изнаоѓање на решенија за надминување на енергетската криза.
„Договорено е на државно ниво да се направи проценка на енергетските баланси на сите држави, како и на можноста за споделување на капацитети и заеднички инвестиции во зависност од тоа која држава каква компаративна предност има. Се планира и зголеменото производство да може да се користи по повластени цени од страна на државите кои се дел од иницијативата доколку имаат потреба”, истакна Дукоски.
Сојузот на стопански комори верува дека иницијативата „Отворен Балкан” во која засега членуваат Македонија, Албанија и Србија, ќе биде проширена и со вклучување на другите држави од Западен Балкан и дека преку нејзините активности ќе се постигне економски раст на регионот како и негово приближување до Европската Унија.
Препознавајќи го потенцијалот на регионалната соработка Сојузот поддржува и други регионални иницијативи меѓу кои и „Зелен навигатор за Западен Балкан” која преку финансиска поддршка и трансфер на знаење и искуство на претпријатијата ќе им обезбеди побрза зелена транзиција.