ССМ ги поддржа предлог измените за пензионирање

18

Предлог измените со кои на работниците им се дава право на избор дали ќе се пензионираат како досега или ќе го продолжат работниот век за една, две или три години денеска ги поддржа и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Претседателот на ССМ, Живко Митревски оцени дека бенефит од предложените измени на Законот за работни односи ќе имаат работниците, работодавачите и државата.

“Ќе има повеќеслојна корист за сите, односно и за работниците и за работодавачите и за државата со оглед на тоа што ќе се елиминираат повеќе празнини кои се јавуваа, пред се на работа да останат висококвалификувани кадри со кои понекогаш се соочуваа одредени работодавачи, додека за работниците измените ќе озвозможат дополнително продолжување на работниот век кај оние категории кои сметаа дека со ова ќе обезбедат дополнителна социјална и материјална егзистенција“, рече Митревски.

Синдикатот, како што беше истакнато, е задоволен и од решението со кое се предлага на работниците кои работат со авторски договор или договор на дела да им се плаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување.

Со новите измени мажите ќе можат да одлучат дали ќе одат во пензија на 64, 65, 66 или 67 години старост, додека жените ќе можат да изберат дали да одат во пензија на 62, 63, 64 или 65 годишна возраст. Работникот до 31 август во тековната година ќе треба писмено да се изјасни дали го продолжува работниот век за наредната година.