
Приходите од царина во минатите шест месеци забележуваат раст од 8,6 проценти, акцизата за над 3 проценти, а данокот на моторни возила за над 46 проценти во однос на истиот период минатата година. Ова го истакна директорот на Царинска управа, Стефан Богоев, во гостувањето на Слободен печат.
Паралелно со растот на приходите, расте и бројот на заплени и тоа за 30 проценти во однос на лани. Забележан е и раст од 7 проценти во бројот на изработени царински декларации, дополнително е олеснета трговијата, а забрзан е и прекуграничниот проток на стоки, што значи заштеда на време и средства за македонските компании и зголемување на нивната конкурентност на меѓународниот пазар. Богоев вели дека паралелно се имплементираат и нови системи усогласени со системите на ЕУ, а наскоро ќе се потпише и договорот за меѓусебно признавање на белешките од мерење на вага со Србија.
„Го усогласуваме и системот за транзит. Со тоа ќе може да отворите транзитната постапка во нашата држава и да ја затворите во Хамбург. На почетокот на следната година очекувам да се потпише и договорот за меѓусебно признавање на кантарските белешки со Србија. Ова значи дека ако камион се мери на вага во Прешево нема да има потреба да се мери кај нас и обратно”, вели Богоев.
За подобрување на условите за водење бизнис клучно е и сузбивање на шверцот. Во овој дел Богоев рече дека паралелно се работи на неколку проекти.
Се доекипира тимот на Секторот за посебни истражни мерки, од следниот месец ќе започне воведувањето на систем на паметни камери на граничните премини, на најфреквентните премини ќе се поставуваат и телесни камери, а со грант од Кореја ќе се имплементира и систем за анализа на ризик и податочен склад што со помош на вештачка интелигенција ќе користи голема база на податоци за селекција на сомнителни декларации.














