Стаклен ѕид ќе ја штити Ајфеловата кула

22

kula

Околу најпознатиот париски споменик Ајфеловата кула од есенва ќе биде поставен стаклен ѕид отпорен на куршуми висок 2,5 метри за да се зголеми безбедноста на посетителите.

“Непробојна ограда ќе биде поставена околу просторот на Ајфеловата кула“, вели Бернар Годијер, претседател на организацијата за користење на Ајфеловата кула, пишува Le Parisien.

Безбедносниот ѕид ќе чини 20 милиони евра. Иако ја разбираат потребата за обезбедување на овој споменик некои од членовите на градскиот совет стравуваат познатата кула да не се претвори во “тврдина“ и предупредуваат дека новите безбедносни мерки не би требало да го променат архитектонскиот изглед.

“Сите работи на обезбедувањето на Ајфеловата кула се вршат во соработка со Здружението на архитекти на Франција со цел овој ѕид да се вклопи во околината“, вели претставник на градската управа задолжен за туризам, Жан Франсоа Мартен.

Околу Ајфеловата кула ќе биде реорганизиран и сообраќајот со што ќе биде поставен безбедносен појас во соработка со полициската управа.

Градот Париз ќе потроши 300 милиони евра во следните 15 години за реновирање на Ајфеловата кула.