Стана мултимилионер во странска земја, сега бесплатно учи 300 милиони луѓе да совладаат нов јазик

223

Иако постигна финансиски успех пред многу години, Луис фон Ан остана скромен. Како дете научил англиски јазик, што подоцна му овозможил успех. Ова го мотивира да создаде бесплатна апликација за учење нови јазици и да им даде можност на сите да ги зголемат своите шанси за подобра работа.

Луис фон Ан (41) роден во Гватемала, имигрираше во Америка во 1996 година за да студира математика на Универзитетот Duke во Северна Каролина. По завршување на овие студии, Луис се запишал на компјутерски науки на Универзитетот Carnegie Mellon во Питсбург.

Потоа, Луис стана професор на колеџ, специјализиран во областа што ја проучува синергијата на човекот и компјутерот во решавањето на комплицирани задачи.

За неговата пионерска работа во оваа научна област, тој е награден со престижната програма за соработници на MacArthur Fellows Program, којашто се нарекува и Стипендии за генијалци.

Луис веќе беше мултимилионер во раните триесетти, благодарение на тоа што од компанијата Google се заинтересираа за неговите деловни идеи и купија два започнати бизниси.

Овој претприемач денес е ко-основач и извршен директор на Duolingo, со седиште во Питсбург, чијашто апликација за учење јазик има над 300 милиони корисници ширум светот.

Иако постигнал финансиски успех на млада возраст, Луис останал скромен и голем дел од неговиот успех му го припишува на фактот дека тој имал среќа да учи англиски како дете. Бидејќи неговиот мајчин јазик бил шпански, неговата мајка инсистирала да започне да учи англиски јазик уште од млада возраст.

Неговото семејство припаѓало на средната класа и тие можеле да соберат доволно пари да го запишат во приватно училиште за англиски јазик. Луис смета дека ова го ставило во привилегирана позиција во однос на мнозинството население од Гватемала, бидејќи, според извештајот на Светската банка, половина од населението на земјата живее во мизерија и многумина имаат ограничен пристап до образование.

Duolingo се заснова на идејата за создавање бесплатна апликација за учење што може да ја користат луѓето од целиот свет и со тоа да ги подобрат своите работни места, затоа што на пазарот на трудот, оние што зборуваат барем еден странски јазик, секогаш се во предност.

“Сакав да направам нешто за давање еднакви можности за образование на секој што го сакаше тоа. Поради оваа причина, првенствено се фокусирав на јазиците затоа што, растејќи во Гватемала, добив впечаток дека сите сакаат да учат англиски“, раскажува Луис за BBC.

Во 2009 година, заедно со ко-основачот, Северин Хакер, Луис започна да работи на апликацијата. Во тоа време, Луис беше професор во Carnegie Mellon и Северин беше еден од неговите студенти. По вклучувањето на многу лингвисти и експерти за јазици во проектот, во 2012 година, платформата Duolingo беше пуштена во употреба, нудејќи во тоа време можности за учење англиски, француски и шпански јазик.

Денес, Duolingo нуди 28 различни јазици. Иако најбараните јазици се англиски, шпански и француски, можете да земете различни курсеви на оваа платформа, почнувајќи од арапски до украински.

Фото: Pixabay