Стани, застани. За музика

43

14273507738115

Неминовно е дека и помладите генерации ја знаат песната Get up, Stand up, воведна песна на албумот Burnin’ на Тhe Wailers, која се смета за една од меѓународните химни за човекови права.

Таква е моќта на музиката, која е плод на инспирација на илјадници креативни луѓе низ светот – пејачи, сценаристи, продуценти, инженери и други. Сведоци сме дека технологиите преку кои може да пристапиме кон музика брзо се менуваат: од симнување на Интернет, па до директна продажба на консументите.

26-ти април е меѓународен ден на интелектуалната сопственост која оваа година е со мотото: Стани, застани. За музика. Светската организација за интелектуална сопственост (СОИС) елаборира неколку прашања поврзани со оваа тема, организира настани и конференции, а ние во оваа колумна пишуваме накратко за брендот и музика.

Бренд и музика

Трговската марка е право на интелектуална сопственост што има исклучително битна улога во светот на музиката. На кратко, трговската марка е ознака која што помага да се разликуваат стоките и услугите создадени и давани од една компанија во однос на друга компанија.

Во светот на музиката, името на бендот е негов бренд и може да се заштити како трговска марка за услуги. На пример, RЕМ, Aerosmith, Nirvana. Музичките групи исто така може да регистрираат трговска марка во однос на нивните албуми, маици, постери или било кој друг продукт што го создаваат.

Со трговската марка музичката група добива ексклузивно право да го користи името како создавач на забавни услуги и добива поголема контрола врз својот иденитет. Преку трговска марка групата може да обезбеди додатен извор на приход, на пример, преку склучување на договор за лиценца и други трговски зделки со други лица.

Регистрирањето на трговската марка преку процесите создадени од меѓународните договори за трговски марки е важен прв чекор што помага да се избегне сценариото каде две музички групи од различни земји создаваат музика под исто. Ако тоа се случи, еден од музичките бендови ќе треба да го промени своето име. Така во 2012 година британската група One Direction била тужена од американска музичка група со истото име, иако на крајот ја добила судската битка.

Како што имаме веќе пишувано, и во случајот на музичките групи трговската марка е значителна нематеријална сопственост што влијае врз репутацијата и имиџот на групите. Како што вели генералниот директор на СОИС, Francis Gurry: “Огромен уметнички, личен, социјален и економски напор оди во создавањето и емитувањето на музика“. Поради тоа тој порачува да се валоризира трудот на создавачите и изведувачите во новата дигитална економија.

Исто така, трговските марки играат огромна улога во начинот на работење на бизнисите од музичката индустрија, што се фокусираат на развивање на технологии што ни ја доближуваат музиката што ја слушаме.

Каква ќе биде иднината на нашата врска со музиката? Како ќе биде создавана и споделувана? И како ќе се осигураме дека оние што ја создаваат ќе имаат заработувачка од нивната уметност? Како што повикува светската организација: Стани, застани и одбрани ја својата музика!