Постојаното присуство на страв, прво од болест, поради која бевме често затворани со полициски час, па потоа од војната во Украина, па од економската и енергетска криза сè повеќе го „нагризува“ менталното здравје на човекот. RelaxifyApp претставува алатка за превенција и подобрување на истото, вели Александар Станков, извршен директор и ко-основач на компанијата која ја создаде апликацијата во интервју за „Бизнис Инфо“.
Вели дека сè повеќе луѓето кај нас се охрабруваат да побараат помош пред сè во апликации како што е RelaxifyApp, каде што може да останат анонимни.
-Таа потреба ја гледаме сè почесто кај жените кои се под притисок од една страна од кариера, а од друга страна од семејството, истакнува тој.
Стартап сцената во Македонија, според Станков, постојано се развива и изрази задоволство што има сè повеќе стартапи кај нас, но сепак мора да се работи уште многу за да се подобри состојбата, за да може да има повеќе ризичен капитал во економијата.
– Би споменал само еден пример од Велика Британија, каде што даден процент од профитот на компаниите не се даночи ако го вложат во стартап, на тој начин самата економија го движи стартап екосистемот, наместо да се чека се на фондот за иновации, дециден е ко-основачот на RelaxifyApp.
RelaxifyApp е првата интерактивна апликација за подобрување на менталното здравје. Како дојде идејата за создавање токму на ваква апликација?
Идејата за RelaxifyApp ни дојде пред почетокот на Ковид пандемијата, сè поголем број на луѓе се соочуваат со проблеми во менталното здравје. Секој 8 човек на нашата планета има потреба од помош за подобрување на менталното здравје, поради модерниот напорен стил на живот, и големиот стрес со кој секојдневно се среќава. За жал овие бројки се во постојан раст после Ковид пандемијата и секојдневните затворања. Со помош на RelaxifyApp нудиме опција секој да си го провери менталното здравје во 4 димензии (когнитивна, социјална, физичка и емоционална)
Дали апликации од ваков тип се сè попотребни кај нас, со оглед на модерниот (напорен) животен стил и поради различните проблеми со кои се среќаваме? Колкава е, пластично кажано, побарувачката за ваков тип на помош во земјава?
-Потребата на светско ниво е огромна, а секако и Македонија не заостанува зад овие статистики. Се повеќе луѓето кај нас се охрабруваат да побараат помош пред сè во апликации како што е RelaxifyApp, каде што може да останат анонимни. Таа потреба ја гледаме сè почесто кај жените кои се под притисок од една страна од кариера, а од друга страна од семејството.
Економската криза претставува се поголем проблем за нашите граѓани, па оттука може да дојдат и менталните проблеми. Дали RelaxifyApp доаѓа во вистинско време?
-Постојаното присуство на страв, прво од болест, поради која бевме често затворани со полициски час, па потоа од војната во Украина, па од економската и енергетска криза сè повеќе го „нагризува“ менталното здравје на човекот. RelaxifyApp претставува алатка за превенција и подобрување на истото. Ние нудиме персонализирана тренинг програма со интерактивни вежби. Со постојано користење на RelaxifyApp на дневно ниво, се подобрува менталното здравје за неколку седмици. Ги охрабруваме сите да ја пробаат RelaxifyApp.
Каква е моменталната состојба на стартап сцената во Македонија? Каде гледате простор за подобрување, па и добивање помош од надлежните?
-Стартап сцената во Македонија постојано се развива и многу сум среќен што има сè повеќе стартапи кај нас. Сепак мора да се работи уште многу за да се подобри состојбата, за да може да има повеќе ризичен капитал во економијата. Би споменал само еден пример од Велика Британија, каде што даден процент од профитот на компаниите не се даночи ако го вложат во стартап, на тој начин самата економија го движи стартап екосистемот, наместо да се чека сè на фондот за иновации.
Многу компании се соочуваат со затворање поради актуелната криза, поради неможноста да се справат со зголемените цени. Како вашата компанија се соочува со економската криза?
-Ние сме создадени во криза, па многу добро научивме да пливаме во истата. Од огромна важност за нас е секое инвестирано евро да го искористиме за да донесеме вредност на корисниците, на тој начин ќе ја надминеме кризата.
Кои се идните планови? Можеби подготвувате нешто ново?
-RelaxifyApp почнавме да го нудиме и глобално, со фокус на американскиот пазар. Ја видовме огромната потреба на нашите корисници од САД од алатка која што веднаш им помага без да чекаат неколку месеци за психотерапија. Ние секојдневно го слушаме фидбекот од нашите корисници и ја подобруваме апликацијата. Секако во текот на следните месеци, ќе додадеме уште повеќе интерактивни вежби и игри. Го охрабруваме секој корисник да ја проба RelaxifyApp и да ни пише како им се допаѓа.
В.З.