Стапија во сила нови правила за зајакнување на кибер безбедноста на институциите на ЕУ

18

– Во ЕУ стапи во сила нова Регулатива за кибер безбедност со која се утврдуваат мерки за високо ниво на заедничка заштита од хакерски напади на институциите, телата, канцелариите и агенциите на Унијата.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Регулативата утврдува мерки за воспоставување внатрешна рамка за управување со ризик, раководење и контрола на кибер безбедноста за секој ентитет на Унијата.

За таа цел се формира нов Меѓуинституционален одбор за кибер безбедност (ИИЦБ) со задача за следење на состојбите и за поддршка во имплементација на мерките од страна на институциите на Унијата.

Дополнително со Регулативата досегашниот Тим за одговор на компјутерски итни случаи на институциите, телата, канцелариите и агенциите на ЕУ (ЦЕРТ-ЕУ) се преименува во Служба за кибер безбедност на институциите, телата, канцелариите и агенциите на ЕУ, но ја задржува кратенката ЦЕРТ-ЕУ.

Со Регулативата новиот ЦЕРТ-ЕУ добива дополнителни надлежности како разузнавачки центар за откривање на закани, размена на информации и одговор на инциденти, со улога на централно советодавно тело и давател на услуги.

Според еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан, Регулативата ја зајакнува кибер безбедноста на институциите на Унијата и ја усогласува администрацијата на ЕУ со безбедносните стандарди утврдени со Директивата за високи заеднички нивоа на кибер безбедност (НИС 2).

– Како што кибер заканите стануваат се попродорни, а кибер напаѓачите се пософистицирани, најважно станува гарантирањето на високо заедничко ниво на кибер безбедност на институциите на Унијата за да се обезбеди отворена, ефикасна, безбедна и еластична јавната администрација на ЕУ, истакна Хан.

Тој нагласи дека брзото усвојување на оваа Регулатива е доказ за посветеноста на ЕУ кон остварувањето на целите поврзани со кибер безбедноста.

– Сега ги повикувам институциите брзо да се вклучат и во преговорите за паралелната регулатива за безбедност на информациите, додаде Хан.