Стапката на невработеност падна на 28,8%

23

Во второто тримесечје од оваа година стапката на невработеност се намали на 28,8%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Активното население, во второто тримесечје од оваа година брои 952.327 лица, од кои вработени се 678.467, додека 273.860 лица се невработени.

Стапката на активност во овој период е 57,1, стапката на вработеност 40,7, а стапката на невработеност 28,8%. Споредено со истиот период лани, стапката на невработеност била на ниво од 31,2%.

Според возрасната структура на населението, највисока стапка на невработеност од 51,7% се забележува во групата од 15 до 24 години, потоа во групата од 25 до 49 години, невработеноста е 27,2%, додека во категоријата од 50 до 64 години невработеноста е 23,6%.

Врз основа на степенот на образование, најголем дел од невработените или 111.441 се со средно образование, потоа 71.026 од невработените имаат само основно образование, а вкупно 40.964 лица со завршено високо образование се без работа.

Анализирајќи ја стапката на невработеност ретроградно, во период од 1998 до 2011 година, највисоката стапка е забележана во 2005 година, кога 37,3% од граѓаните биле невработени. Од 2007 година, таа стапка на лицата кои се работоспособни, кои активно бараат работа но, не може да најдат, е во постојан пад.