Стапката на невработеност во Еврозоната падна на 7,4 отсто во септември

32

Стапката на невработеност во еврозоната се намалила на 7,4 отсто во септември 2021 година од 7,5 отсто во август, додека паднала за 1,2 процентни поени во однос на септември минатата година, покажуваат податоците на Евростат.

Во Европската унија, стапката на невработеност во септември била 6,7 отсто, наспроти 6,9 отсто во август, додека на годишно ниво е пониска за еден процентен поен.

 

Според проценките на Европската статистичка служба, во ЕУ во септември имало 14,32 милиони невработени, од кои 12,07 милиони во еврозоната. Во однос на август, бројот на невработени во ЕУ е намален за 306.000 лица, а во евроблокот за 255 илјади.

Од вкупниот број невработени во ЕУ, 2,81 милиони се на возраст под 25 години, од кои 2,30 милиони во еврозоната. Стапката на невработеност кај младите во септември беше 15,9 отсто во ЕУ и 16 отсто во еврозоната.

Највисока стапка на вкупна невработеност меѓу земјите-членки на ЕУ е забележана во септември во Шпанија (14,6%) и Грција (13,3%), а најниска во Чешка (2,6%) и Холандија (3,1%).