
Стапката на невработеност во Шпанија падна под 11 отсто за прв пат по 16 години, а минатата година во земјата се отворени 468.100 нови работни места, објави шпанскиот национален институт за статистика (INE).
Девет од 10 нововработени во Шпанија минатата година биле регистрирани во приватниот сектор, а стапката на привремена вработеност паднала на 15,5 отсто, пишува Pais.
Бројот на регистрирани невработени во Шпанија се намали за вкупно 265.300 лица на годишно ниво, при што стапката на невработеност падна на 10,6 отсто, што е најниско ниво од вториот квартал на 2008 година.
Според податоците на шпанското Министерство за економија, бројот на невработени жени во Шпанија минатата година се намалил за 167.000.
Дополнителна добра вест за вработувањето е што минатата година бројот на шпански домаќинства во кои сите членови се невработени е намален за 94.700, а бројот на домаќинства во кои се вработени сите членови се зголемил за 249.900.
Друга карактеристика што го одбележа отворањето работни места минатата година беше особениот интензитет со кој растеше вработеноста кај странците, кои заземаа 40 отсто од новите работни места во Шпанија.
Така, вработеноста кај шпанското население се зголеми за 1,5 отсто во 2024 година во споредба со растот од шест отсто кај странците.
Девет од 10 нови работни места во Шпанија се отворени во услужниот сектор, а стапката на раст на вработеноста во оваа област е 2,6 отсто на годишно ниво, при што се издвојува и градежната индустрија со годишен пораст на вработеноста од 3,1 отсто, или 44.800 нови работници.
Бројот на вработени во Шпанија достигна нов рекорд од 21.857.900 луѓе, додава шпанскиот весник.











