
Стапката на невработеност во земјите на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) остана стабилна во февруари на рекордно ниско ниво од 4,8 отсто, објави организацијата во четвртокот.
Ова рекордно ниско ниво првпат беше достигнато во март 2023 година, а стапката на невработеност оттогаш остана блиску до ова ниво, јавува Anadolu Agency.
Споредено со јануари, стапката на невработеност остана непроменета во 22 земји на ОЕЦД, во седум е намалена, а во две се зголемила. Европската унија и еврозоната забележаа рекордно ниски стапки на невработеност од 5,7 отсто, односно 6,1 отсто.
Стапките на невработеност останаа главно стабилни во февруари во Канада на 6,7 отсто и во САД на 4,2 отсто.
Бројот на невработени во земјите на ОЕЦД благо падна на 33,8 милиони во февруари. Во меѓувреме, вработеноста исто така остана стабилна на 70,2 отсто во последниот квартал од 2024 година.