Стапува на сила планот на ЕУ за намалување на потрошувачката на гас

53

Планот на Европската унија за намалување на потрошувачката на гас во целиот блок за 15 отсто стапува на сила денеска, откако во понеделникот беше објавен во официјалниот административен весник на ЕУ.

На 5 август, земјите-членки на ЕУ официјално усвоија итен план за намалување на потрошувачката на гас за да се заштеди гориво за зимата поради неизвесноста со руските испораки, и покрај противењето на Полска и Унгарија на конечната верзија на законот.

„Со оглед на непосредната опасност за безбедноста на снабдувањето со гас предизвикана од руската воена агресија врз Украина, оваа регулатива треба итно да стапи во сила“, се наведува во службениот весник на 27-члениот блок.

Договорот бара од сите земји од ЕУ доброволно да ја намалат потрошувачката на гас за 15 проценти, при што Европската комисија може да го прогласи тоа како обврска во вонредни околности, иако со одредени исклучоци за одредени земји и индустрии.

Сите земји, освен Унгарија и Полска, го одобрија договорот, давајќи му сила на законот, објави минатата недела Чешка, која е актуелен претседавач со ЕУ.

Во декретот се наведува дека земјите од ЕУ „ќе вложат максимални напори“ да ја намалат потрошувачката на гас од август оваа година до март следната година за „најмалку 15 проценти“ во споредба со нивната просечна потрошувачка во претходните пет години.

Доколку Европската комисија забележи „сериозен недостиг на гас“ или исклучително висока побарувачка за гас, може да побара од земјите на ЕУ да прогласат општа вонредна состојба во блокот. Ова ќе го направи задолжително намалувањето на потрошувачката на гас, со ограничени исклучоци.

Унгарија, која води преговори за купување дополнителен гас од Русија, беше единствената земја што се спротивстави на договорот минатата недела, доведувајќи ги во прашање легитимноста на правилата на ЕУ кои влијаат на енергетската безбедност на земјата.

Против конечниот закон беше и Полска, иако начелно го поддржа договорот. Варшава оцени дека недостига правна основа за тој закон и дека одлуките за енергетскиот микс на земјите-членки треба да се носат со едногласна согласност од сите земји на ЕУ.

Нивното противење, сепак, не го спречи усвојувањето на планот, за кој беше потребна поддршка од најмалку 15 земји за да стане закон.

Пред почетокот на воената операција во Украина, Русија обезбедуваше 40 отсто од вкупните потреби на ЕУ за гас. Оттогаш, Москва го намали протокот на гас во Европа, што им отежнува на земјите од блокот да ги наполнат складиштата пред зимата и поттикна општо брзање да купуваат неруско гориво и да преземат мерки за ограничување на потрошувачката на гас.