![port-7841563_640](https://biznisinfo.mk/wp-content/uploads/2025/01/port-7841563_640.jpg)
Кина воведе одмазднички тарифи на американски стоки во вредност од 14 милијарди долари, со што ги урна надежите дека би можела да се избегне нова трговска војна меѓу двете најголеми светски економии.
Пекинг минатата недела објави царини од 10 до 15 отсто како одговор на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе дополнителни царини од 10 отсто за кинеските производи. Трамп го опиша потегот како „отворен удар“ во обновената трговска офанзива против Кина, пишува „Фајненшл тајмс“.
За разлика од американските царини, кои се на широка основа, противмерките на Кина се насочени кон клучниот извоз на САД – течен природен гас, јаглен и сурова нафта, земјоделска и автомобилска опрема.
Иако ова се сметаше за простор за преговори што може да спречи ескалација на трговскиот конфликт, до крајниот рок во недела немаше знаци за договор. Кинеската амбасада во Вашингтон потврди дека тарифите стапиле на сила во неделата на полноќ по Пекинг.
Покрај тарифите, Кина минатата недела објави антимонополска истрага против Гугл и биотехнолошката компанија Илумина. Ја стави и холдинг-компанијата на американските модни брендови Келвин Клајн и Томи Хилфигер.
Кина дополнително го зголеми притисокот врз САД со ограничување на извозот на пет клучни метали кои се неопходни за воената индустрија, соларни панели, батерии за електрични автомобили и индустријата за зелена енергија.
Кина контролира 60 отсто од глобалното производство на ретки метали и дури 90 отсто од преработката во таа индустрија, што и дава значителна преговарачка моќ во овој конфликт.