Стапуваат на сила новите глобални царини на САД од 10 проценти

Новите глобални царини од 10 проценти на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, стапија на сила денес, неколку часа откако Врховниот суд го поништи неговото првично овластување за воведување царини, објави Блумберг.
Минатиот петок, Трамп потпиша извршна наредба со која се воведува основна стапка од 10 проценти, додека Белата куќа објави дека работи на формална наредба со која би се зголемила глобалната царина на 15 проценти, но рокот за спроведување сè уште не е утврден.

Тарифите се спроведуваат согласно Член 122 од Законот за трговија од 1974 година, кој му дозволува на претседателот на САД да воведува тарифи до 150 дена без одобрение од Конгресот.

Наредбата ги задржува ослободувањата за стоки согласно Северноамериканскиот договор за слободна трговија (НАФТА) потпишан во 1994 година од САД, Канада и Мексико и за одредени земјоделски производи.

Просечната ефективна царинска стапка на САД со ослободувања е околу 10,2 проценти, во споредба со 13,6 пред судската одлука, додека потенцијална глобална стапка од 15 проценти би ја зголемила ефективната стапка на околу 12 проценти.

Неизвесноста околу новите тарифи ги запре трговските разговори со главните партнери, вклучувајќи ја Европската Унија и Индија, бидејќи администрацијата на Трамп планира истраги за увоз на индустриски производи, вклучувајќи батерии, железо, телекомуникациска опрема и хемикалии, што би можело да доведе до дополнителни тарифи, според Блумберг.