Стар твит на Маск, поврзан со вработените во компанијата во САД, ја однесе Tesla пред суд

Стар твит на Елон Маск ја однесе Tesla пред американскиот суд, објавија медиумите во странство. Објавата на социјалната мрежа е од 2018 година и во неа Елон Маск сугерира дека фабричките работници ќе ги загубат опциите за акции доколку се обединат во синдикати.

Сепак, според адвокат на Tesla, ова не е незаконска закана, како што тврди обвинителството, бидејќи едноставно ја одразува позицијата на синдикатот.

Твитот дојде во време на долготрајната кампања на United Auto Workers (UAW) за организирање на работниците во фабриката на Tesla во Фримонт во Калифорнија.

Во него се велеше: „Ништо не го спречува тимот на Tesla од нашата фабрика за автомобили да гласа за синдикат. Можат да го направат ако сакаат. Но, зошто да плаќате синдикални такси и да се откажете од опциите за акции за ништо?“

Во март минатата година, Tesla поднесе жалба на наредбата од Националниот совет за труд (NLRB) Маск да го избрише твитот. Во тековниот случај, адвокатот на Tesla, Дејвид Салмонс, изјави пред судот оваа недела дека уставното право на слобода на говор според Првиот амандман на САД „го штити цврстиот говор на работодавачот за негативните аспекти на синдикатизацијата“.

Во меѓувреме, адвокатот на UAW, Даниел Кари, рече дека твитот на Маск е „закана за одмазда, а не легитимно изразување на мислење“.

„Идејата што ја изнесуваат таму дека синдикатот може да им ги одземе акциите на вработените едноставно не се вклопува во реалноста“, рече Кари.

Маск има долга историја на контроверзни твитови, што доведе до голем број тужби. Tesla се соочува со тужба од инвеститори за уште еден пост од 2018 година. Во него, Маск рече дека е обезбедено финансирање за компанијата да стане приватна.